Салата Борис Трајковски вчеравечер уште еднаш ја собра македонската публика и естрада, овој пат за 26-то по ред издание на Златна Бубамара на популарноста.
Ранко Петровиќ и екипата се погрижија за уште едно шоу, кое годинава не ги премина фамозните четири часа на траење.
На изненадување на присутните изостана очекуваниот домаќин Сашко Коцев, а палката им беше предадена на дуото Тино и Атанас.
Златната Бубамара со моќна изведба ја отвори Ана Петановска, по која се обрати Ранко потенцирајќи дека Бубамара е секогаш тука да даде светлина во етерот и во најтешки времиња.
Слоганот на 26-то по ред издание беше Да наполниме батерии на скапа тарифа, Да заштедиме и да не се штедиме, кое што Тино и Атанас го потенцираа во неколку наврати, засмејувајќи ги присутните.
Сцената на почетокот им припадна на најмладите, па така Лара Трпчевска ја освои наградата за Тинејџерски хит, додека Teen camp беше одбрана за најпопуларна тинејџерска серија.
Прва од низата бубамари за Трајни вредности отиде во рацете на полноќниот каубој Јаков Дренковски, кој откако се заблагодари ја изведе и истоимената песна.
Ред шеги, ред награди како што е редот... а следна на репертоарот беше младата Лара Иванова која што бубамарците ја прогласена за најперспективна пејачка.
Како вистинска холивудска ѕвезда, стилизирана во ЕЛЕНА ЛУКА, на сцената следна се качи Ирена Спировска која што додели награди за животно дело на доајените на македонската песна Ефто Пупиновски и Блага Петреска.
Манифестацијата продолжи во знак на македонската музика и зачувување на традиционалните вредности, како и со упатена порака до публиката да си останеме свои на своето.
Бубамара не може да помине без нашиот незаменлив шоумен Игор Џамбазов кој во ова 26-то издание се појави со мастер гитаристот Харе, изведувајќи песна за легендата Горан Пандев.
Публиката со громогласен аплауз го поздрави гранде Пандев, кој и самиот призна дека е среќен што по толку време успеа да дојде на Бубамара.
Не изостана и хуманиот елемент на настанот, а овој пат награда за достигнување во медицината доби тимот лекари кои што за прв пат изведоа успешна трансплантација на црн дроб.
Дуото домаќини, успеа да ја насмее публиката осврнувајќи се сатирично на тековните проблеми во земјата.
Уште една награда за животно дело беше доделена за легендарниот Мирослав Илич, додека Златна бубамара за Трајни вредности во рок музиката доби Џибони, кој имаше одличен настап заедно со Влатко Стефановски.
За најдобра актерка беше прогласена Сашка Димитровска, најдобар актер Александар Микиќ, а Илуминати доби Златна бубамара за најдобра претстава.
Ранко и тимот му оддадоа признание и на Венко Андоновски за најдобар писател, кој раскажа интересна случка од животот како сам случајно си го менаџирал големиот успех.
Награда за животно дело му беше постхумно доделена на маестро Милан Завков, проследена со настап на неговите следбеници.
Панчо и Андреј, ДНК, се закитија со Златна бубамара за група на годината, а признание им беше доделено и на Анѓушеви, по што следуваше заеднички настап што ја размрда публиката во арената Борис Трајковски.
Госпоѓиците од Авињон доби награда за Најдобра балетска претстава, додека Мајка на Некст Тајм беше прогласен за најдобар албум.
Игор и овој пат ја имаше улогата да не потсети на оние што ги изгубивме годинава, Милан Завков, Катерина Крстева (Мара Попара) и Марин Бабиќ.
Тој заедно со Андријана Јаневска имаше и емотивен настап за изгубените детски животи од Ваташа, поради суровоста на фашистичкиот окупатор.
Ова само ја дополни пораката за бранење и чување на Македонија, што се проткајуваше низ повеќето настапи и говори за време на манифестацијата.
Како јаготка на шлагот настапи групата Меморија на која и беше врачена бубамара за Трајни вредности.
Ова го заокружи 26-то издание на Златна Бубамара, кое започна на ефтина и заврши на скапа тарифа, обезбеди перничиња за поголема комоција на гостите, го скрати времетрањето и порача здрави живи да се видиме на 27-то издание.