Кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана денеска со највисоки државни почести во присуство на 200.000 гости, меѓу кои членови на кралското семејство и стотици светски лидери и високи личности.
Погребалната церемонија ќе стартува со поворка која ќе започне од зградата на парламентот ќе застане во Вестминстерската палата. Потоа, ковчегот ќе биде пренесен во Капелата Сент Џорџ во Виндзор каде Опелото ќе започне во 16 часот по локално време, каде ќе биде присутен само најтесниот круг на кралското семејство.
Ќе се одржи едночасовна служба на која ќе се обратат надбискупот Кентербери и британската премиерка Лиз Трас, а по богослужбата, ковчегот ќе биде превезен со кочија низ Лондон, во придружба на семејството до Велингтон Арх, поминувајќи покрај Бакингемската палата.
Погребалната церемонија ќе биде пренесувана во живо на националните телевизиски канали, и ќе биде прикажана пред голем број луѓе во повеќе паркови и други јавни места во Британија.
Безбедносните мерки преземени околу погребот се од највисоко ниво. Властите ангажираа повеќе од 10.000 полициски службеници кои поддршка ќе имаат од лондонската улична полиција, како и полицајци од сите 43 полициски постави во Британија. Наедно, полицијата постави повеќе од 36 километри ограда во центарот на Лондон за да ја контролира толпата. Се очекува да се соберат околу еден милион луѓе, па за таа цел ќе бидат засилени и безбедносните мерки во метрото и железницата.
Во Лондон веќе пристигнаа голем број претседатели на држави и влади, кои ќе присуствуваат на погребот на кралицата. На оваа листа се најде и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој веќе се потпиша во книгата на жалост во Лондон и заедно со сопругата и оддаде почит на кралицата.
„Дојдовме во Лондон за да оддадеме последна почит на Кралицата Елизабета Втора.
Голема почит за децениите во служба на народот и за тоа што беше пример за лидерство, скромност и великодушност. Нека почива во мир", објави претседателот на својот Facebook профил.