Денеска започнува долгоочекуваното и најмасовно 12. издание на Д ФЕСТИВАЛ, кој ќе се
одржува од 1 до 3 јули во Дојран!
Најголемиот летен музички фестивал во Македонија, ова лето конечно ќе се одржува повторно во полн сјај и во комплетно издание со повеќе од 150 музички изведувачи, уметници и учесници во најбогатата програма досега која ќе се одвива низ вкупно 15 различни бини и зони на Фестивалот, вклучувајќи го и славниот Д-КАМП за фестивалските посетители.
Првите посетители на Д ФЕСТИВАЛ веќе вчера пристигнаа во Дојран и ги поставија своите шатори
во Д Кампот кој по две години ја продолжува традицијата и ја отвори својата капија ден пред
официјалниот почеток на фестивалската програма. Денеска пак, во 11:45 часот и официјално
започна музичката програма во чии рамки ова лето ќе настапат повеќе од 50 музички артисти
кои пристигнуваат во Дојран од целиот свет, а секако најмногу од Македонија.
Првиот фестивалски ден, петок 1 јули, програмата на фестивалот ќе ја предводат изведувачите чии
настапи се закажани на Главната бина, односно КРУДЕР и ДОРФМАИСТЕР, ЏУЛИЈАН МАРЛИ,
КОШИН, РУНДЕК и ЕКИПА и ЗАД АГОЛОТ. Во саботната вечер пак, главната бина е резервирана за
АНФИСА ЛЕТЈАГО, ЈУРА СТУБЛИЌ и ГРУПА ФИЛМ, БУЧ КЕСИДИ, КУЛТУР ШОК и ЧИСТА ОКОЛИНА,
додека пак во финалната вечер ни пристигнуваат ЗУ, КОНСТРАКТА и ЗЕМЉА ГРУВА, ХЛАДНО
ПИВО и МАРКИ РАМОН.
Втората по големина фестивалска бина на Д ФЕСТИВАЛ, МОСКИТО СТЕЈЏ, годинава ја има
најсилната програма до сега во чии рамки ќе имаме прилика да уживаме во настапите на
ТАМИКРЕСТ, ЛУФТАНЗА, ЏИПСИ ГРУВ и НЕИКЕД во петок, ГАБРИЕЛА ЧИЛМИ, ДОУП КУЌАТА,
ДЕМЕНСИ и ТОРЗС во сабота, ПИЈАН СЛАВЕЈ, ДИНА ЈАШАРИ, ОФ-ГРАУНД АНСАМБЛ, КАЛАТА, но и
ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ во недела во рамки на програмскиот концепт „Д Фамилијарен Ден".
Посебно концертно доживување гарантира музичкиот храм на Д ФЕСТИВАЛ, односно бината
позната како ЧРЧ СТЕЈЏ која е всушност лоцирана во црквата Св. Илија во Стар Дојран.
Продуховениот амбиент на оваа локација ќе биде дополнително оплеменет со прекрасната
музиката на музичките уметници како Перија, Антоние Весковски, Драган и Ратко Даутовски и
други.
Новата македонска музичка сцена има свое посебно место на Д ФЕСТИВАЛ, а тоа е СМУТ бината
на која годинава по рекордниот број пријавени учесници, во финалната селекција како дел од
програмата се запишуваат младите одлични групи Беседа, Занаду, Хајка, Манас, Корожн, Преку
Ред, Мамут и други.
Секако неизбежен дел од музичката програма е и електронската ЛЕЈК АВЕЈК бина на Д ФЕСТИВАЛ
на која традиционално најдоцна во ноќта се испраќаат и дочекуваат фестивалските денови. На
оваа бина секој ден ќе биде посветен на различен музички правец односно првата фестивалска
вечер е резервирана за техно музиката во која под кураторство на македонскиот диџеј ФЛУДЕР ќе
настапат уште и САШО УЗУН, ДАДО К и МАМЛИ. Втората вечер на Лејк Авејк е посветена на транс
музиката и настапите на дел од водечките имиња на овој музички правец на домашната сцена:
ЏАНТРИКС, СПИРИТ АРХИТЕКТ и МОДУАЛ. Последната вечер пак, за официјалното затворање на
годинашниот Д ФЕСТИВАЛ нѐ очекува епската трап журка која ја предводи американскиот
музичар СМОУКПУРП кој ќе настапи покрај локалниот ол-стар состав: ШОРТИ ПИ и АЈРИ СКРЕЧ,
БОН ПРАСКИЗА, СЕКСИ МАРСА, ЕЛОН, БАША, НЕСТИ, ОГИПСИЛОН и ЈАНГ ДАДИ.
Покрај музичката програма, богатството на Д ФЕСТИВАЛ е специјалната дополнителна програма
која се одвива во рамки на ПЛОШТАРТ зоната, а со која овој настан е уникатен и препознатлив
како многу повеќе од само музички фестивал. ПлоштАрт е всушност креативното јадро и
мултимедијалниот простор во срцето на Д Фестивал каде што ова лето ве очекуваат повеќе од
100 уметници и учесници од здруженија и организации со исклучително богата и разновидна
програма! Слем поезија, прва психолошка помош, друштвени игри, работилници, интерактивни
квизови, е-спорт, предизвици, јога, танцување, жонглирање, плејстејшн, дебати, ракотворби,
сувенири и уште многу атрактивни содржини кои всушност ги пренесуваат и претставуваат
позитивните општествени вредности и проектите од значење пред сѐ за младите!
Во Дојран веќе одмана целосно се исполнети сместувачките капацитети за овие денови, кампот на
Д Фестивал интензивно се пополнува, градот е исполнет со прекрасни фестивалски луѓе со
најпозитивна енергина и сѐ е подготвено за најмасовното 12-то издание на единствениот ваков
настан кај нас, летниот музички Д ФЕСТИВАЛ!