Од 4 до 7 мај, во организација на Скопје Сити Мол и во соработка со Занаетчиска комора Скопје ќе бидат отворени „Денови на филигранство и накит", настан на кој ќе се претстават 23 „артизанс" индивидуалци - уметници.
Ова е единствена можност на едно место да се видат рачно изработени уметнички форми на накит од сребро, бакар, челик, преку епоксидна смола, чисто сребро 925, полимерна глина, до керамика, плексиглас и мурано стакло.
Најголем дел од креативците изработуваат филигран, како најделикатна и елегатна форма на накит, а ќе се претстават и учесници кои создаваат шарени и весели приказни во форма на накит за стилски сонувачи и храбри луѓе.
Во секој детаљ на уникатните парчиња накит е втиснат креативниот и авторски труд на овие 23 уметници.
Настанот ќе се случува четири денови на приземјето во Скопје Сити Мол и ќе се претстават следниве артизани: Катарина Дода – „KD Jewelry", филигран од сребро, кој досега е претставуван на фестивали за зачувување на традиционалните занаетчиски производи во САД, Аргетина, Шпанија, Оман, Узбекистан, Порторико... и на истите е наградувана за најдобро дизајниран и изработен накит;
Светлана Ивановска – „Арт Студио С", понесена од геометриските форми и природата создава софистицирано парче накит, направено од различни материјали и техники, а жицата е основа во секое парче;
Кристина Мауровска Темкова – „Студио Кристина" ќе се претстави со накит изработен од бакар, медицински челик и сребро во комбинација со полудраги камења;
Елена Поповска -„Мај Прешс", го комбинира филигранот, месингот и бакарот и преку различни техники ја доловува приказната за убавината на природата;
Марина и Елена Јакшиќ - „Ателје Сиена" изработуваат парчиња на рачно насликан накит, залеан со епоксидна смола и рачно изработен накит од сребро и филигран;
Александра Атанасовска – „МОRPHO" е искрен поклоник на филигранот и ги компилира занаетот, мајсторска умешност, културно наследство, создавајќи накит од сребрена и златна испреплетена жица,
Маја Донева на уникатен начин ги употребува техниките филигранството и ќустек во своите креации;
Миранда Дема – „Coral Jewelry" е бренд специјализиран во рачно изработување на персонализиран накит од чисто сребро 925;
Јулијана Илиевска – „Џули Декупаж" изработува накит од полимерна глина и епоксидна смола со суви цветови, рачно везени и шиени модни додатоци;
Архитектот Марта Пејоска, креира во полето на дизајнот и ја користи сребрената жица како медиум. Преку филигранската техника раскажува своја архитектонска приказна, на еден модерен начин;
Лада Шоптрајанова Петровска – „Filigree LARGO" изработува сребрен накит во традиционална филигранска техника, но со нетрадиционален дизајн. Таа е виолинистка, па низ нежната структура на сребрените жици протекува музика;
Милица Гавриловска – „Equilibrium.fine.arts", секое парче накит е асиметрично, апстрактно, аморфно во изгледот и дезенот, изработен од епоксидна смола и полимерна глина, со специфичен микс на нијанси и бои;
Елеонора Дулјанова – „Small piece of joy", изработува накит од керамика и кожа. Нејзините дизајни се шаренолика палета од оригинални парчиња;
Накитот на Марија Таировска – „Marcy's handmade" е експлозија од шарени и весели приказни за стилски сонувачи и храбри луѓе;
Емина Амит – „Ателје Месечина", изработува филигран во комбинација со школки, а за дел од накитот користи стари пари-кованици од кои создава прстени и обетки во комбинација со сребро и камчиња во комбинација со бакарна или алуминиумска жица;
Ивана Кондратенко – „ARTNOK" ќе се претстави со обетки, кои имаат специфичен дизајн, 2Д и 3Д формат, изработени од полимерна глина и елементи од дрво, стакло и метал;
Милена Станковска – „BRUMA" е спој на филигранска техника и современ израз, збогатен со традиционални и нови техники, кои доаѓаат од далечни краишта, како што се „keum-boo" и „fold-forming";
Според Татјана и Борче Богоевски – „Керакамика", глината е таа што ја апсорбира убавата енергија. Користат природни еколошки и безбедни материјали и создаваат персонализиран накит, брошеви, обетки и ланчиња;
Данче Наумоска – „КОППЕР АРТ" креира накит од бакар и месинг, при што користи разни техники, како посребрување, патинирање и боење;
Дијана Тодоровски – „Добро ми Стои" создава современи форми од сребро, кои ги комбинира со месинг и бакар, а креациите се поврзани со природата и животинскиот свет;
Катерина Јовановска – „Stardust Kejt Rakotvorbi" ќе се претстави со накит од епоксидна смола и полимерна глина во едноставни, нежни, пастелни комбинации, едновремено и авангардни, живописни и цветни дизајни;
Блашка Миева –„Freya Fashion Jewellery", прави накит од плексиглас и полимерна глина. Секое парче е рачно сликано, каде формата се третира скулптурално и апстрактно;
Ибро Ибраим - „Филигран Ибро" ќе се претстави со традиционален филигран.