Пред 18 години за прв пат имавме можност да го погледнеме The Devil Wears Prada, филм кој остави голем печат, особено кај љубителите на модата.
Врвната актерска екипа вклучувајќи ја оскаровката Мерил Стрип, Ен Хатавеј, Стенли Тучи и Емили Блант ни ја донесоа приказната за уредничката на магазинот Runway, Миранда Присли, и нејзините вработени.
Филмот беше отскочна даска за Хатавеј и Блант, а на Стрип ѝ донесе Златен Глобус и номинација за Оскар.
Она што деновиве го пишуваат странските медиуми е дека Disney подготвува продолжение на Ѓаволот носи Прада.
Иако веста сè уште не е официјално потврдена, фановите се воодушевени и едвај чекаат повторно да ја видат актерската екипа на едно место.
Според магазинот Variety на вториот дел на филмот ќе работи истиот продуцент Венди Фишерман.
Продолжението ќе раскажува за тоа како Миранда (Стрип) се снаоѓа во модерниот свет каде побарувачката за списанија е значително намалена, но овој пат ќе мора да се соочи со Емили (Блант), која сега е моќна директорка во рекламна агенција.
Режисерската палка ќе биде повторно во рацете на Дејвид Френкел.
Трите дами годинава повторно се појавија заедно и тоа во февруари на SAG наградите.
Фото: Pinterest