Од 1 – ви до 5 – ти јули во Сули Ан ќе се одржи првиот по ред Фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“.
Официјалниот старт на фестивалот под мотото „Филмови, музика и вино“ ќе се случи во среда, на 01 – ви јули во Сули Ан кога ќе биде отворена и ексклузивната изложба на фотографии на Дејвид Боуви, фотографирани од реномираниот британски фотограф Брајан Рашиќ.
„Брајан е стар пријател. Сѐ започна од интервјуто што го направив со него во 2011 – тата за All About Jazz. Оттука почна и нашето пријателство. Секоја година заедно патуваме во Хрватска на еден филмски фестивал SPFF. Одамна имам желба да му биде реализирана изложба на фотографии во Македонија, за да сега, јас бидам тој кој го организира сето тоа. Изложбата и филмовите што ќе бидат прикажани тој ден, беа забележани од тимот на Дејвид Боуви, па сега има и официјално соопштение и на неговиот сајт“, изјави за Fashionel Ненад Георгиевски, уметнички директор на Скопје Синема Сити.
Тој додава и дека изложбата на фотографии од Дејвид Боуви на Брајан Рашиќ е еден вид преглед на претежно концертни фотографии од почетокот на 80 – тите, па сѐ до 2006 – та година.
„Изложбата Брајан Рашиќ е еден вид преглед на претежно концертни фотографии од почетокот на 80 – тите, па сѐ до 2006 – та кога Боуви скришно се откажа од концертните настапи и прекина секаква медиумска активност. Во една така богата кариера, тука се опфатени многу славни моменти. Но, тоа не е сѐ, бидејќи тука има и фотографии од пресови (вклучена е и фотографијата кога тој прв пат го видел Боуви на прес), бекстејџ фотографии итн. Сѐ на сѐ, има 30 фотографии. Изложбата е помогната од Министерството за култура. Фотографиите ќе се продаваат на крајот од изложбата и средствата ќе се донираат за добротворна цел“, вели Георгиевски.
Она што денеска ги израдува сите обожаватели на Дејвид Боуви, е тоа што токму оваа изложба беше и официјално најавена на неговиот сајт.