Веруваме дека оние што растеа во 70-тите, 80-тите, па и 90-тите се сеќаваат на семејството „Флинстонс“ и тоновите од музиката со која почнуваше и завршуваше култниот цртан.
Денес не е толку популарен, но со своето појавување направи вистински бум и остави трага во светот на анимираната програма.
Неодамна се одбележаа 60 години од премиерата на цратана серија. Првата епизода е емитувана на 30 септември 1960 година, во 20.30 часот на каналот „Еј-Би-Си“.
Идејни творци се Вилијам Хана и Џозеф Барбара, познати и како создавачи на Том и Џери. Нивната намера била да направат цртан филм за возрасната публика. Сметале дека постојат доволно цртани филмови за деца и дека и повозрасната публика треба да се привлече, на еден хумористичен начин, но кој ќе допира посериозни теми.
Инспирацијата за „Флинстонс“ доаѓа од играната серија „The Honeymooners“. На тој концепт на ситком се додадени уште многу елементи.
По објавувањето на пилот епизодата, многу од претставниците на телевизиските мрежи биле воодушевени, а реакциите биле исти и кај гледачите и тоа од различни возрасти. Сржта на приказната е поствоената атмосфера на американската „бејби бум“ генерација, но пренесена во камено доба.
Многу од шегите се тесно поврзани со тоа време (поствоено) и разбирливи само за некој што го живеел и доживеал, но серијата понуди и мноштво универзални ситуации и авантури, што направија да стане омилена не само во Америка, туку и ширум светот. Таквата популарност значеше и мноштво спонзори, меѓу кои и фармацевтски компании со брендирани витамини, но и реклами за Винсон цигари, на пример, кои подоцна беа забранети.
Ова е прва серија од ваков тип која прикажува како брачна двојка дели кревет, што во тоа време не е воопшто вообичаено. Подоцна, Барни и Бети ќе зборуваат за тоа како не можат да имаат деца, а потоа ќе посвојат два сина, процес проследен со многу правни проблеми. Фред Флинстонс е коцкар и знае да манипулира со луѓето за да ги реализира своите замисли. Постои еден момент во серијата кога Барни сака да се убие, прикажан со камен околу врат. Ова се само дел од нештата кои зборуваат за тоа дека целиот концепт на серијата бил насочен кон возрасната публика. Подоцна, ќе стане и популарна серија за деца (со соодветна содржина), па всушност, „Флинсонси“ ќе станат забава за цело семејство.
Многумина веруваат дека „Симпсонови“ не би ни постоеле да не биле „Флинстонси“ претходно, а потоа и други меѓу кои и „Семеен човек“ (Family Guy)
Денес линијата помеѓу анимираната програма за деца и возрасни е исклучително тенка.