„“МОМÓМА е најзрелиот албум на Фолтин. Музички клуч под дипле. Со кој влегувате којзнае каде. Благо џезиран. Бескрајно љубовен. И, замислете, пријатно поинаков од сѐ претходно, а препознатливо фолтиновски. МОМÓМА е како Шпато да седнал со “Бич Бојс”, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна „Pet sounds“ фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост. МОМÓМА е и „Скопје фест“, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов, Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот... но со Фолтин, место сите нив заедно. Албумот нè гали и со влијанијата од Херби Хенкок - од “Thrust”, на пример, управувани од бојата на неговиот вселенски синтисајзер. Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез фаза, па пее пригушено низ мегафонот од “Chocolate Jesus”. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка. А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни. „МОМÓМА“ е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно”, вака писателот Дејан Трајкоски го доживеа новиот албум на „Фолтин“.
Членовите од групата се согласуваат со тоа дека осмиот по ред албум е и нивниот најзрел.
„Правевме збирка на песни која не е надворешно конципирана, самата по себе претставува израз на она што го доживуваме во последно време, повеќе со внатрешна конструкција и влијанија. Многу големи промени се случија и во општеството и на приватен план во групата и годините се во прашање и тоа се одрази и на албумот. Многу е попитом од другите. Се работи за постандардни песни, а кога ние сме стандардни тоа за нас претставува експеримент“, изјави Бранислав Николов на денешната средба со медиумите.
Инаку, МОМÓМА содржи шест песни, во кои како велат, вложиле многу љубов, срце и душа. Тина Ивановска пак, исто така, во неколку реченици ја изрази својата заљубеност во албумот:
„Ми се води љубов. Нон-стоп! Ама сериозно, морално и неморално, раскошно, блудно, комерцијално и некомерцијално. Толку многу ми се води љубов што ми се повраќа. Ми се повраќа од убава, од чувство за церемонијал! Сериозно, не може а да не водишт љубов со „Фолтин“! Едноставно, страста во нивната музика прави силна рефлексија во животот, подобро кажано, во мигот на водење љубов, во мигот на занесот, во моментите на голотија, на топење на две тела легнати, испружени на кревет, во нивниот залуден „креветизам“. Што може да се каже за новиот албум на „Фолтин“, а да не е кажано во нивната музика? Ништо,зашто и за љубовта, за страста, за смртта, за гревот, за среќата, за радоста, за тагата, за сонувањето, за просвлетувањето, за сите човечки емоциии, успеси, падови, за новите и старите љубови, тие зборуваат! Најдобро е да се препуштиме на сопствените емоции и повторно да се нурнеме во светот на „Фолтин“ полн со инспиративни звучни патеки, во секоја смисла на зборот.
Искрено, сега не ми се зборува за новиот албум. Не мис е пишува. Ми се луша, ми се сонува, едноставно, чисто, без мисла некоја конкретна. Затоа што е прекрасен. А, треба да се молчи пред некаква прекраснотија, оти секкао, го одзема здивот. Новиот албум на „Фолтин“, тоа е нашата нова љубов. Нашиот нов сон, нашата нова несоница, неспаница... Водете љубов со „Фолтин“, немојте за политика. Не сега! Јас одам да се бакнувам...“
За крај, албумот е достапен на „Јутјуб“, „1/2 Југотон“ како и на платформите „Bandcamp“ и „SoundCloud", а како најавија наскоро и на други, каде ќе може дигитално да се купи.
Концертната промоција на албумот во Скопје е планирана во текот на мај, а турнејата во јуни, но подетални информации се очекуваат наскоро.