Вечерва во Македонската опера и балет беа доделени наградите за најслушаните радиски хитови за годината што изминува во рамките на Македонскиот радиски фестивал – МАРС 2015, кој остана единствена музичка манифестација која оддава признание на оние кои оставиле најсилен печат на домашната музичка сцена.
На 11 домашни изведувачи им беа доделени награди во повеќе категории, според селекцијата на домашните радио станици.
Во конкуренција од повеќе од 100 изведувачи, во листата на финалистите за оваа година се запишаа:
Теа – „Доста глумиме“, Најслушана песна
Тамара & Д.Н.К. – „Фрази љубовни", Апсолутен радиски хит и Партнерство за хит
Даниел Кајмакоски - „10 лета", Највртен регионален радиски хит и Фаворит на публиката
НЕКСТ ТАЈМ - „Ја излези Ѓурѓо", Најдобра преработка
Лозано – „Како тебе нема друга", Радиски поп хит
Тајзи – „Амор", Радиски R'N'B, рап или латино хит
Елена Ристевска - „Доживотно", Радиски хит на женски изведувач, Најдобар текст и Најдобра балада
Калиопи – „Мојот дом", Радиски рок хит
Тара – „Сакам, несакам", Радиски хит на машки изведувач
EYE CUE – „Колку пати", Радиски хит за група
Мики Јовановски Џафер – „Рок на траење", Награда за трајни вредности
Иако се работи за избор на радиски хитови, сепак визуелната појава на секој од изведувачите има големо влијание во профилирањето на нивниот комплетен имиџ на музички ѕвезди, а токму ваквите настани се барометар, покрај другото и на нивниот прогрес од тој аспект.
Браќата од дуото Next Time, се доследни на нивниот рок имиџ што коренспондира и со музиката што ја создаваат, па и вечерва (иако во овој случај беа наградени за преработка на народна песна) тие беа пример за тоа колку е значајна улогата на визуелниот идентитет во созревањето на јавната личност на сцена.
Понежната половина од EYE CUE, Марија Ивановска, иако не е долго време на домашната музичка сцена, сепак се гледа резултатот од нејзината посветеност на комплетниот стајлинг во кој честопати имаат удел и македонски дизајнери со кои таа соработува, а чиј пример би требало да го следат и нејзините колеги.
Елена Ристеска, покрај тоа што е сериозен вокал, секогаш внимава да биде комплетна на сцената, почнувајќи од шминката и фризурата па се до изборот на креацијата. Нејзиното долгогодишно искуство во шоу бизнисот се гледа и во нејзиниот професионален пристап во комплетирањето на сите сегменти за достоен изглед на сцена.
Во ревијалниот дел на програмата на фестивалот, гостуваа Јелена Томашевиќ и Хари Мата Хари. Томашевиќ која важи за еден од најпочитуваните женски вокали на Балканот, но и стилска икона во регионот, и вечерва со нејзиното присуство на МАРС покажа зошто е тоа така. Тренди миди фустанот во риги,со отворен грб, комбиниран со високите чизми над колена и целата харизма што ја поседува, едноставно ја направија неодолива нејзината појава.
Силен позитивен впечаток со комплетниот аутфит остави Марија Петровска, која традиционално го водеше настанот во екстравагантна креација на македонската модна куќа Елена Лука. Женствена и сексапилна тоалета, со длабоко V деколте, богато украсен горен дел и висок страничен шлиц, беа вистински избор за впечатлив стајлинг на домаќинката на настанот.
Во продолжение е комплетната галерија од овогодинешниве добитници на МАРС наградите.