Летото е при крај, но патувањата се далеку од завршени. Септември е месец на доцни летувања, па не е ни чудно што нашите туристички агенции имаат одлични понуди и во овој период од годината. Па, доколку сакате да избегате од скопското сивило и да им се вратите на морските бранови овој септември, но немате идеја каде, имам одличен предлог за вас.
Грција е можеби најчестата дестинација за летни патувања за македонците, но раскошната природа, песочните плажи, топлите мориња, медитеранската клима, вкусната храна и богатата историја прават оваа земја никогаш да не стане здодевна.
Дом е на безброј прекрасни острови, а еден од најпривлечните несомнено е романтичниот Крф, чии бујни зелени ридови, богати палати и идилични плажи се капат во неодоливо сините бранови на Јонското море.
Островот Крф со право е еден од најатрактивните туристички дестинации во Грција кои привлекуваат посетители дури и од најдалечните точки на планетата земја, а неретко се наоѓа и помеѓу најпосакуваните дестинации за патување на познатите личности. Јас веќе трет пат го посетувам островот, и сум сигурна дека ќе се вратам уште неколку пати.
Крф е најпознат по своите живописни пејсажи, убавината на малите гратчиња и приморски села распрскани по целата површина на островот, но и носталгичниот шарм на главниот град, кој исто така е познат како Стар град Крф или Керкира на грчки.
Хармонијата во која постојат сите овие различни аспекти на островот, од природа и историја, до бурен ноќен живот и импресивни ноќни клубови, го прават идеално место за секаков тип на патник. Дури и да не сте тип кој ужива во плажите и сончањето, Крф ќе има што да ви понуди.
Па, од толку многу избор, сигурно се прашувате од каде да започнете?
Керкира
По вашето пристигнување на Крф, без разлика на тоа каде би биле сместени, посетата на главниот град сигурно би била една од приоритетите. Керкира бил под силно влијание на Венецијанците, Французите и Англичаните, што денес го прави неисцрпна база за истражување.
Познатото шеталиште Листон, плоштадот Спианада и шарманите тесни улички поплочени по калдрма, познати како „кандунија", се исполнети со безброј прекрасни продавнички за облека и сувенири, како и безјброј пекари и слаткарници.
Неисцрпниот избор на кафулиња каде можете да уживате во добро фрапе и автентичен шприц од лимончело или кумкват, како и импресивните ресторани и традиционални таверни со богати менија и вкусна храна, овозможува незаборавно и уникатно искуство.
Низ целиот остров ќе забележите прекрасни цркви, катедрали, импозантни палати, но најголемиот дел од нив се наоѓаат во самиот главен град и се претворени во музеи. Па така, доддека сте во Керкира, направете место во вашиот распоред да посетите барем некој од познатите музеи, меѓу кои се бројуваат Музејот на азиската уметност, Археолошкиот музеј, Византискиот музеј на Антивуниотиса, Музејот на Дионисиос Соломос, Музејот Casa Parlante ( Историска палата од 19 век каде се изложени аниматронски фигури, ентериери и предмети од периодот), Музејот на банкноти на Алфа банка, Српскиот музеј, Општинска галерија на Крф, Имотот Mon Repos (каде што е роден Филип, сопругот на кралицата Елизабета Втора), како и Фолклорниот музеј на Централен Крф.
И секако, посетата на Керкира не би била комплетна доколку не ги посетите двете тврдини поставени на двата спортивни краеви на градот, Новата венециска тврдина, како и Старата тврдина, по која градот е особено препознатлив. Овие две тврдини се неверојатно важни историски обележја за островот.
View this post on Instagram
View this post on Instagram
Од останатите важни историски објекти во близина на главниот град кои топло ви препорачувам да ги посетите е и палатата Ахилејон, некогашното засолниште на принцезата Елизабета од Австрија, позната и како Сиси од Австрија. Оваа импресивна палата, изградена на рид во селото Гастури од каде се отвора прекрасен панорамски поглед кон Јонското море и градот Керкира, била изградена за Сиси, по предлог на австрискиот конзул Александар фон Варсберг.
View this post on Instagram
По смртта на нејзиниот единствен син, престолонаследникот Рудолф од Австрија во инцидентот во Мајерлинг, 1889 година, Елизабет ја изградила оваа летна палата како засолниште и место каде ќе ѝ се посвети на својата тага. Палатата е изградена во стил кој асоцира на античка палата на митската Феакија, со фокус на херојот Ахил од грчката митологија, од каде и потекнува самото име на палатата.
View this post on Instagram
Но, вашата посета на островот Крф не се ограничува само на главниот град, нели?
Тука сте и за плажите. Не постои сомнеж дека Крф има едни од најпрекрасните песочни и карпести плажи на светот (повеќе од 60 популарни плажи во кои туристите се вљубуваат секоја година), како и бајковити заливи кои спијат во зелените прегратки на густите шуми и планини, а ова се дел од нив.
Ипсос
Нашите туристички агенции најчесто нудат сместување во ова место, а Ипсос е и најпоупарна дестинација за младата генерација. Долгата плажа е исполнета со лежалки во сопственост на баровите и рестораните кои се главна атракција на Ипсос. Плажата на Ипсос е со ситни камчиња, водата е топла, и нуди можност за многу водни спортови.
Предлог: Иако Керкира има голем број ноќни барови и клубови, се чини дека ноќниот живот е највибрантен во Ипсос. Па затоа, доколку сакате добра забава, гласна музика и одлични коктели, Ипсос е местото кое ви препорачувам да го посетите.
Кавос
Доколку забавата и баровите ви се приоритет, во тој случај како дополнителен предлог на оваа листа се наоѓа Кавос. Сепак, оваа голема и широка песочна плажа во текот на денот е одлична за посетители од секоја возрасна група и луѓе кои се во потрага по мирен и релаксиран одмор.
Дасија
Со својата долга сончева плажа покриена со песок и ситни камчиња, беспрекорно чиста топла вода и можност за водени спортови, Дасија е едно од најидеалните места за одмор со семеството, особено ако имате мали деца. Опкружена е со бројни хотели, апартмани, ресторани и густо зеленило, а еден од најпознатите барови познати по вкусната храна и атрактивните лежалки е Malibu.
Во близина се наоѓа и плажата Коулоура која спие во сенките на борова шума.
Палеокастрица
Неверојатно тиркизните бранови и чистата вода прегрнати од високи моќни карпи прават ова грчко село да изгледа како волшебна сцена од филм. Карпестиот брег нуди повеќе диви плажи кои се екстремно тешко пристапни, но затоа пак двете поголеми и попознати плажи нудат еднакво рајско искуство.
Поголемата плажа од двете е вклучително и најпозната за семејства со мали деца, поради ситниот пријатен песок и широката водна површина, додека пак помалата е совршена за оние кои претпочитаат плажи со камчиња, подиви бранови и постудена вода Оваа страна нуди потесен хоризонт од причина што е опкружена со многу високи и ниски остри карпи кои го сочинуваат неверојатниот пејсаж.
На Палеокастрица ќе најдете безброј прекрасни ресторани и кафулиња со вкусна храна, иако се чини дека најголема атракција е Аквариумот, во чии рамки има и кантина. Со секој купен оброк или пијалок, гостите добиваат бесплатни лежалки со чадор и неодолив поглед.
Палеокастрица е исто така дом и на прекрасниот манастир до кој можете да стигнете и пеш, искачувајќи се на врвот на ридот по асфалтиран пат или низ густите шуми. Манастирот е познат по својата историја, традиционалната фабрика за маслиново масло, музејот и прекрасниот поглед.
View this post on Instagram
Предлог: Додека сте тука, искористете ја можноста да резервирате мини-крстарење и посетете ги прекрасните пештери, како и Рајската Плажа (Paradise Beach), до која се стигнува исклучиво со брод. Блескавото синило и неверојатните формации на карпите ќе ве остават без здив.
Во близина се наоѓа и плажата Глико.
Сидари
Кога зборуваме за неверојатни формации на карпи и природни феномени, Сидари е едно од најатрактивните места, а причините за тоа ги има повеќе. Покрај убавината на самото гратче Сидари и неодоливата долга гратска плажа со ситен песок, Сидари е најпознат по слоевитите карпи, Каналот на Љубовта, и прекрасниот поглед, особено на зајдисонце.
Водата тука е чиста и топла, а околу Каналот на Љубовта има огромен избор на луксузни ресторани со вкусна храна и поглед кој воодушевува. Легендата вели дека паровите кои ќе го препливаат каналот, ќе останат заедно засекогаш. Наедно, овој канал е познат и по лековитата кал која се слива од мазните карпи во водата.
Предлог: Доколку сакате да просведочите волшебно зајдисонце, во непосредна близина на Сидари се наоѓа популарниот луксузен ресторан 7th Heaven, на чија стаклена тераса познатите инфлуенсери ги прават најубавите фотографии.
Касиопи
Малото традиционално рибарско село е омилена дестинација за голем број посетителите од Обединетото Кралство и Италија, а неговата околина во голема мера е развиена со луксузни вили. Касиопи е дом и на Висантискиот замок Касиопи, а самото место изобилува со прекрасни плажи, меѓу кои повеќето се карпести. Најпознатите плажи во Касиопи ги вклучуваат Паралија Мпатарија, Канони, Каламионас, Пипитос, како и Engagement Bay.
Глифатда
Прекрасната плажа на Глифада се наоѓа во прегратките на високите ридови и планини, а околината е богата со раскошно зеленило. Широката и пространа Глифада е најпозната по мекиот сатенски песок, како и баровите изградени на платформите во околина каде што се одржуваат дневни и вечерни забави со гласна музика.
Предлог: Иако плажата е еднакво прекрасна и преку ден, вистинската магија настапува на зајдисонце. Волжебните нијанси кои се прелеваат на небото додека сонцето тоне во морето прават вистинско уметничко дело, а големите диви бранови се дополнителна адреналинска атракција во овој период од денот.
Oстровчињата Понтикониси и Влахерна
Две минијатурни островчиња покрај Крф, од патот од Дасиа кон Керкира, го красат прекрасниот воден пејсаж околу грчкиот остров. Станува збор за минијатурниот оствров Понтикониси, што во превод значи остров на глувчето, и е доволно голем за да го собере манастирот Пантократор. А веднаш до него, на познатиот остров Влахерна, се наоѓа манастир од 17 век посветен на Богородица и е поврзан со копното со тесна патека. Овде се одржува миса во понеделник на Велигден.
Паксос и антипаксос
Туристичките агенции најчесто нудат и тура со брод до едни од најатрактивните дестинации во близина на Крф, а тука се вбројуваат и островите Паксос и Антипаксос кои со своите рајски плажи и неверојатни Сини пештери (The Blue Caves) ќе го збогатат вашето патување за уште едно незаборавно и возбудливо искуство.
View this post on Instagram
View this post on Instagram
Невозможно е да се посети целиот остров Крф во рок од една недела или 10 дена како што обично дозволува нашиот годишен одмор, но секако, листата на предлози не завршува тука. Па доколку имате повеќе време или пак решите да се вратите на Крф, не заборавајте да посетите некои и од следниве плажи: Нисаки, Бербати, Астракери, Авлаки, Агиос Стефанос, Парамонас, Перама, Рода, Лиманаки, Канули, Акарави, Халикунас, Порто Тимони, Маратиас и Батариа.
Совети за транспорт:
Доколку го посетувате Крф со приватно возило, бидете особено внимателни на острите кривини и метежот. Локалното население, вклучително и градските и меѓугратските автобуси возат бргу, па потребно е големо внимане за да се избегнат незгоди.
Доколку доаѓате преку агенција со патнички автобус, најверојатно ќе се одлучите за јавен превоз. Линиите и термините за гратските автобуси (Blue Bus) и меѓугратските (Green Bus) се достапни на интернет, но исто така ќе ги забележите закачени на секоја автобуска постојка. Превозот со автобус од едно до друго место, иако знае да биде мачен и најчесто подразбира туркање во големи групи на луѓе, сепак е најпрецизен, најефтин и најбрз начин на превоз.
Доколку сакате да го избегнете јавниот превоз и не сакате да зависите од некаков распоред на возење, постојат безброј можности за изнајмување на автомобил или пак мотор. Цените варираат зависно од месецот, посетеноста, а понекогаш и денот.
Фото: Ирма Башеска Ристовска @irmabasheska .