Кога духовното добива материјална форма – изложба во Паркот на Франкофонијата

15 мај 2015

Вчеравечер во Паркот на Франкофонијата во Скопје беше поставена несекојдневна уметничка инсталација насловена „Моден Триптих Св.Вера,Св.Нада и Св.Љуба“,на уметницата и дизајнерка Нела Тодоровска.

Нела Тодоровска Нела Тодоровска

Необичноста на оваа уметничка поставка се однесува на апстрактниот приказ на личната перцепција на дизајнерката за трите духа реинтерпретирани во материјални форми на човечки ликови, што во позадина ги следеа фотографии на истата тема потпишани од младиот и авангарден фотограф Горан Поповски.

Поставката вклучува и арт видео во кое се прикажани трите духа во форма на човечки ликови, како играат безгрижно македонски забавни игри за деца, облечени во Маригуча (модната етикета зад која стои Нела Тодоровска) од колекцијата Моден триптих.

„Терминот костим се стреми да креира слики, знаци, одбележја и карактери во драматични продукции за сите медиумски форми. Исто така костумот одиграл значајна улога во историјата на уметноста и продолжува исто и денес. Облеката е средство за комуникација, која исто така е и еден начин да се испрати некаква порака во светот. Смртта не настапува само кога човекот физички ќе го напушти светот, туку тогаш кога нема што да каже (кога нема веќе никаква порака да остави зад себе)“, дизајнерката ја објаснува идејата за оваа инсталација.

Облеката е еден начин на комуникација во светот без јазик, токму затоа креаторите ги избрале своите дела преку кои би кажале и неискажливи со зборови работи.

Маригуча перцептивно се претставува употребувајќи нови современи материјали и рачна техника на плетење со природни материјали. Се дефинира себе си со минималистички плетки во деконструктивни расплетки.
Маригуча во својата инсталација, арт видео и фотографии како проект со мултимедијален карактер го претставува својот Моден Триптих поставувајќи го прашањето: Зошто се криете Адаме?

„Моден Триптих е мој личен светоглед, мојата вистина, тоа сум јас!
Инсталацијата на Неколку души, духа-три како да лебдат во неодредена димензија, контурирани од материјалот што ги покрива епистемолошки претставени, секој во своја кореографска форма, означувајќи го, индуцирајќи го секој своето име, три спиритуални форми, три спиритуални вистини, три за нас димензии: Вера, Нада и Љуба“, образложува Нела Тодоровска.

За сите љубопитни љубители на уметноста кои вчера не беа во можност, изложбата ќе можат да ја посетат и денеска.

 

Објавено:
15 мај 2015
Категорија: 
Култура