Третото издание на Македонските алтернативни награди – МАН, ќе се одржи на 23 - ти мај на Школка во Градскиот парк, со почеток во 12 часот.
По трет пат, на Школка ќе се слави македонската музика и култура, а ќе бидат доделени и награди за најзаслужните чинители на македонската култура и уметност проследени со настапи од многу македонски бендови и артисти меѓу кои и Јаков Дренковски и Бендот, ПМГ Колектив, СМАТ, Проџект Орфеус, Д Блек енд Вајз Сошл Клаб, Подземан Ефект, Кртот, Видо, Сиги, Алфа, Стил Темпл, како и видео-диџеј дуелот помеѓу диџеј Гоце САФ и диџеј Славе.
Наскоро ќе биде пуштено и официјалното гласање на www.blabla.mk, по што заедно со гласовите од жири комисијата ќе биде одлучено за добитниците на наградите за песна, спот, албум, концерт, мк презентер надвор, запамти го ова име (млад артист) и лејбл.
Гласањето ќе трае до 23 – ти мај, а добитниците ќе бидат соопштени на самиот настан.
Секако, и оваа година ќе биде доделена главната награда за особен придонес и развој на македонската музика и сцена, а меѓу наградените се Влатко Стефановски, Гарабет Тавитијан, Група Зеро, Мирко Попов, Бошко – дом на млади Штип, Крос Роуд Блуз Бенд, Петар Георгиевски Камиказа, Евгение Каревски ГЕНИ, Уличен Ритам, како и постхумно, за двајца великани на сцената: Љупчо Хаџистефанов- Џез ФМ и Зоран Маџиров.
Досега на МАН истоимената награда за особен придонес и развој на македонската музика и сцена ја добија повеќе од 60 бендови, луѓе, уметници, медиуми и институции.
„Ова трето издание на првата и единствена наградна церемонија на македонската алтернативна сцена – МАН, е всушност почеток на создавање на традиција и само останува да ги зголемуваме бројките на изданијата во годините што следат. Ве очекуваме во голем број за заедно да ја славиме македонската музика, култура и уметност на едно место и со една мисла – македонската сцена да ја издигнеме на повисоко ниво, така како што заслужува“, велат од организацијата.
Оттаму ги повикуваат сите на 23 – ти мај на Школка од 12 до 01 часот, по што забавата ќе се префрли во Јавен Алтернативен Простор Бла Бла Клуб со диџеј Кодра.
Град Скопје оваа година го вклучи МАН во програмата за култура и го поддржа настанот.