Необична уметничка инсталација на Нела Тодоровска во Паркот на Франкофонијата

12 мај 2015

Во четврток и петок, во Паркот на Франкофонијата во Скопје ќе биде поставена необична уметничка инсталација, насловена „Моден Триптих Св.Вера,Св.Нада и Св.Љуба“,на уметницата Нела Тодоровска, која твори под етикетата Маригуча.

Инсталацијата ќе претстави три костуми кои ги интерпретираат Св.Вера,Св.Нада и Св.Љуба, како и фотографии од колекцијата Моден триптих. Поставката ќе вклучи и арт видео во кое се прикажани трите духа во форма на човечки ликови, како играат безгрижно македонски забавни игри за деца, облечени во Маригуча од колекцијата Моден триптих.

„Терминот костим се стреми да креира слики, знаци, одбележја и карактери во драматични продукции за сите медиумски форми. Исто така костумот одиграл значајна улога во историјата на уметноста и продолжува исто и денес.
Облеката е средство за комуникација, која исто така е и еден начин да се испрати некаква порака во светот. Смртта не настапува само кога човекот физички ќе го напушти светот, туку тогаш кога нема што да каже (кога нема веќе никаква порака да остави зад себе)“, ја објаснува идејата за оваа инсталација уметницата во најавата.

Фотограф Горан Поповски

Облеката е еден начин на комуникација во светот без јазик, токму затоа креаторите ги избрале своите дела преку кои би кажале и неискажливи со зборови работи.

Маригуча перцептивно се претставува употребувајќи нови современи материјали и рачна техника на плетење со природни материали. Се дефинира себе си со минималистички плетки во деконструктивни расплетки.
Маригуча во својата инсталација, арт видео и фотографии како проект со мултимедијален карактер го претставува својот Моден Триптих поставувајќи го прашањето: Зошто се криете Адаме?

„Моден Триптих е мој личен светоглед, мојата вистина, тоа сум јас!
Инсталацијата на Неколку души, духа-три како да лебдат во неодредена димензија, контурирани од материјалот што ги покрива епистемолошки претставени, секој во своја кореографска форма, означувајќи го, индуцирајќи го секој своето име, три спиритуални форми, три спиритуални вистини, три за нас димензии: Вера, Нада и Љуба“, образложува Нела Тодоровска.

Изложбата ќе биде поставена во четврток со почеток во 20 часот.

Објавено:
12 мај 2015
Категорија: 
Култура