Модата продолжува да биде инспирација како на малите така и на големите екрани.
Apple TV+ продуцира уште една модна серија, овој пат под името The New Look чијшто фокус е ривалството помеѓу двајцата еминентни француски дизајнери Коко Шанел и Кристијан Диор.
Коко од една страна како веќе етаблирана модна дизајнерка и Диор од друга како новодојденец кој го раздрмува светот на високата мода со неговиот New Look.
Тоа беа два дијаметрално различни светови, но секој генијален во својата работа. Диор претпочиташе активности надвор, како на пример градинарство, додека Шанел беше фан и редовен гостин на елитните забави.
Честа да ја игра Коко овој пат се падна на француската актерка Џулиет Бинож, додека во улогата на Диор го гледаме австралиецот Бен Менделсон.
Мејси Вилијамс ќе ја портретира сестрата и муза на Кристијан, Кетрин Диор, а ќе го видиме и Џон Малкович во улогата на Лусиен Лелонг, моден дизајнер и ментор на Диор.
Серијата ќе проследи модната револуција, која што се случуваше во 40-те и 50-те години на минатиот век, големиот подем на Диор и одбивањето на кое што наиде Шанел поради нејзината блискост со нацистите за време на војната.
Покрај овие двајца ривали, The New Look ќе прикаже и дел од животите на Ив Сан Лоран, Пјер Балман, Кристобал Баленсијага и Хјуберт де Живанши.
Првите три епизоди ќе бидат достапни на 14-ти февруари, 2024 на Apple TV+ по што ќе следува епизода секоја наредна среда сè до трети април.
Фото: Vogue