Од денес: Бесплатни тренинзи на шест локации во Скопје

17 мај 2021

Од денес, 17 мај,  па во наредните три месеци, скопјани ќе имаат можност бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Овој проект наречен „Скопје вежба“ е во организација на Град Скопје, а во рамки на истиот заинтересираните граѓани ќе имаат можност да вежбаат на различни локации низ градот,

Секој работен ден по 18 часот, на шест различни јавни површини и паркови во Скопје ќе се вежба аеробик, фитнес, пилатес, зумба, спортска јога и атлетика.

- Градот Скопје преку професионални тренери ќе им овозможи на граѓаните на Скопје бесплатна физичка активност во текот на попладневните часови, од понеделник до петок. Нашата цел е кај помладите генерации да всадиме навики за физичка активност, а кај постарите генерации да стимулираме еден поинаков и поздрав начин на живеење - вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Локациите на кои ѓраѓаните ќе имаат можност бесплатно да вежбаат се: Градскиот парк, „Ибни Пајко“, паркот во „Ѓорче Петров“, паркот кај „Три бисери“ во Аеродром, потоа паркот кај „Веро“ во Тафталиџе и во паркот во Чаир.

За дневниот распоред на вежби во текот на месеците мај, јуни и јули граѓаните ќе можат да се информираат на Интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и преку социјалните мрежи на Град Скопје.

Од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, со чија соработка се организира проектот, велат дека ќе се почитуваат сите препораки на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести и дека првичната цел е да се подигнеме свеста за физичката активност кај сите категории – и деца и адолесценти и возрасни.

 

Објавено:
17 мај 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.643 пати