Посетителите на езерата „Пескара“ во Зрењанин од неодамна имаат уште една причина повеќе да дојдат на ова место и да уживаат.
Имено, од минатиот викенд таму е поставен таканаречен “Књижидер“ во кој се сместени книги од различни жанрови, достапни за посетителите на плажата.
Под слоганот „Расхлади главу, отвори Књижидер“, се има за цел љубителите на книгите да можат бесплатно да читаат некоја од понудените книги и по заминувањето од плажата да ја вратат на место.
Како пренесуваат српските медиуми, идејата ја поттикнала Тања Вуковиќ, сопственик на угостителски објект на „Пескара“, а истата ја поддржала и градската народна библиотека „Жарко Зрењанин“ и го обезбедила почетниот фонд од околу стотина книги.
„Свеченото отворање“ на „Књижидер“-от е направено со игра и дружење со најмладите, а осмислено од библиотекарите.
Одлична и оригинална идеја, која се надеваме дека ќе успее да се одржи и дека балканскиот менталитет нема да издоминира и сите ќе се придржуваат на правилото да се врати книгата.
Инаку, на пет километри од Зрењанин, после долгогодишна експлоатација на песок, лоцирани се три езера наречени „Пескара“. Поради природно чистата вода и атрактивната локација, години наназад граѓаните ги користат за бањање и рекреација, а во 2007 година започнало и планското уредување на просторот околу најголемото езеро, со што е создадена и градска плажа, која изгледа одлично и на која во летниот период доаѓаат и по неколку илјади посетители дневно.
Погледнете:
извор: www.facebook.com/peskara.zrenjanin; ilovezrenjanin.com; www.zrenjanin.rs;