Ова е првиот зелен остров ослободен од отпад од домаќинствата

6 јуни 2022

Малиот грчки остров Тилос на прв поглед не се разликува по ништо од останатите мали грчки острови.

Но, ова мало егзотично место сместено на половина пат помеѓу Кос и Родос, со околу 530 жители, е многу блиску да стане првиот зелен остров со нула отпад од домаќинствата.

Тука од неодамна е имплементирана програмата Just Go Zero, која има за цел да воспостави нов модел на интегрирано менаџирање на цврстиот отпад. Поточно, идејата е максимално зголемување на процесот на рециклирање и обновување на материјалите и трајно затворање на депониите.

Иако овој систем е воведен во декември минатата година, резултатите веќе се импресивни. Рециклирањето е зголемено за неверојатни 80%.

Системот функционира така што во секое домаќинство и деловни објекти, се поставени посебни колектори за селекција во три различни категории: био отпад, материјали кои може да се рециклираат и материјали кои не може да се рециклираат.

Понатаму, отпадот се транспортира на место каде што материјалите се делат во категории и се подготвуваат за рециклирање.

Благодарение на овој процес, општината успеала да постигне висок степен на рециклирање, а истовремено и да ги едуцира своите граѓани за значењето на менаџирањето на отпадот.

Со овој проект, овој живописен остров има голем придонес за остварувањето на целта Грција до 2030 година да го зголеми рециклирањето на 60%.

Објавено:
6 јуни 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
338 пати