Дека Скопје станува културна метропола што ја поддржува креативноста во сите нејзини формати, овозможувајќи им квалификуван простор на младите уметници, артисти, креативци, фотографи, модни дизајнери, сликари, писатели, режисери, стилисти, докажува и одржувањето на првиот саем на уметност Паратисима. Во Младинскиот културен центар вчеравечер се случи официјалниот старт на првиот саем на современа уметност во Скопје кој ќе трае до 15 јуни(недела) 2014.
Иницијативата потекнува од Торино, Италија каде оваа година во ноември ќе се одржи десеттото по ред издание, на кое учество ќе можат да земат и наши уметници.
„Иницијативата не дојде само до Торино. Континео 2020 е организација која што организира настани меѓу Скопје и Торино и се обидува да направи соработка пред сè за културно и уметнички проекти, така што некако дојде взаемно бидејќи Скопје и Торино се збратимени градови, па постоеше можност да се соработува со нив. Решивме да пробаме овој настан кој што е таму веќе мошне етаблиран да го донесеме тука во Скопје“, вели уметничкиот директор на фестивалот Елена Вељановска.
За учество во фестивалот не постои предселекција, но на крајот на фестивалот ќе бидат селектирани десетина автори кои што ќе имаат можност да ги прикажат своите дела на Паратисима во Торино кој ќе се одржи во ноември годинава.
„Целта на одржувањето на саемот е во суштина да се прикажат што повеќе уметници и да се отвори можност за уметниците кои што не изложуваат или немаат доволен капацитет на дела за да организираат самостојна изложба да пробаат да изложат дела во еден поинаков контекст што ние тука го нудиме. Главната идеја ни беше да бидеме отворени за секакви формати и за секаков тип на уметничко творештво. Концептот на Паратисима е да нема предселекција, тоа е всушност идејата на Паратисима во Торино која што нас многу ни се допаѓа. На Паратисима нема предселекција, но затоа има постселекција. Е сега, во Торино се дојдени во фаза во која на некои десетина уметници им организираат самостојни изложби, а оваа година ние ќе се потрудиме на крајот тие десет уметници кои ќе ги селектираме да бидат претставени директно на Паратисима во Торино во ноември, открива Вељановска.
Учесниците, се задоволни од одѕивот и посетеноста, но и најмногу од можноста за претставување на своите дизајни надвор од нашата земја.
„Ова е заеднички проект мој и на Нина Симовска под брендовите Лудус и Just Becouse и овде го претставуваме така наречениот „Apstract project“. Станува збор за еден проект кој што е сосема спротивен односно работиме апстрактно парче облека што беше документирано за време на самото изработување и видеото може да се види тука заедно со крајниот резултат. Со оглед на тоа дека е интернационален настан за нас беше предизвик да се настапи и да се застане рамо до рамо со интернационални уметници. Самото тоа што ова е отворен настан за сите што ќе се пријават, значи дека постои некој принцип на демократија и би требало да се најдат секакви дела со секаков квалитет и содржина“, ни кажа модниот дизајнер Драган Христов.
Неговата колешка, младата дизајнерка Мелани Димитровска е фасцинирана првенствено од можноста да се претстави пред поголем број луѓе, но и од и резултатите кои ги има постигнато Паратисима во Торино, па на ова гледа како одличен начин за своја промоција.
„Темата на овој саем за уметност беше „Поврзување“, па решив да земам повеќе аутфити од неколку мои различни колекции како едно поврзување за она што јас го работам и го изложив во склоп на моден дизајн. Препознатлив моден белег за мене е геометријата, минималистичкиот стил и футуристички форми. Навистина одлична можност за интернационална промоција“, додава младата дизајнерка Димитровка.
Дизајнерката на накит која твори под брендот Норис Дизајн, Емилија Дамјановиќ, пак вели дека реално на македонските дизајнери им треба претставување надвор и поддршка од странските организации.
„Работам под брендот Норис дизајн, се претставувам со трите последни колекции на накит во плексиглас и комбинации од дрво, принтови, алкубонт и сл. Се пријавив затоа што реално ми требаат изложби, и сакам контакт со публика, ми треба и некаков фидбек од самите луѓе што доаѓаат, како реагираат на накитот и од таму и црпам и мотив за понатаму“, вели Емилија Дамјановиќ.
На синоќешното отворање на првиот саем свој настап имаше The Electirc Horseman-Baffalo Bax од Италија, кој навистина ја изненади публиката со својот специфичен светлечки костим.
Да напомене дека Паратисима Скопје е реализирана со финансиска поддршка од торинската Стопанска комора и институционална поддршка од Младинскиот културен центар, како и од општините на градот Торино и Скопје. Доколку сте во можност поминете и погледните ги уметничките инсталации на учесниците кои се поделени во три салони. Се надеваме дека Паратисима си направи своја уметничка база во Македонија и уште многу години ќе го афирмира креативното тло на нашата земја.