Петтото јубилејно издание на SKOPJE CALLING Festival ќе се одржи на 12-ти септември на стадионот на АРМ- open air, а организаторите „Авалон продукција“, овој пат вниманието го насочуваат кон пионерите и кон младите сили на домашната музичка сцена.
Така, на SKOPJE CALLING 2020, MACEDONIA’S FINEST EDITION, оваа година публиката ќе има можност да ги види и слушне: Foltin, Last Expediton, Pluto’s Doubts и surprise act за кој дополнително ќе ја известат јавноста.
„Pluto’s Doubts се тука да ја пренесат новата шармантна скопска авангарда, Last Expedition да покажат на што работеле за време на долгогодишната музичка пауза и да не’ потсетат што значи да се биде ,,добрата стара школа”, а FOLTIN, со Late Night Cabaret Performance да ни покажат, барем на час и половина, како е да се живее младешки без обѕир, раскошно, блудно и некомерцијално.
За крај, објектот на изненадување е една млада, експлозивна, препознатлива фела која е истовремено и дефинитивен домашен лидер на live сцената. Како приказнава би останала слатка и примамлива- нивното официјално откривање го оставаме за една недела од сега, 31-ви август“, соопштуваат од „Авалон“.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од утре наутро, по цена од 600 денари и истите можат да се набават на avalon.mk, нашата продажна мрежа, како и во Avalon Music & Ticket store во ГТЦ.
И овој настан, исто како претходните, ќе биде реализиран според сите утврдени и одобрени протоколи од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
Само дома си е дома!