Франсоа Жило, жената која го инспирираше генијалниот Пикасо, мајка на две од неговите деца, почина на 101 година.
Жило беше ликовен уметник, писателка, муза на легендарниот сликар, која што својата турбулентна десетгодишна врска со Пикасо ја преточи во книга.
Токму таа книга, Животот со Пикасо, беше инспирацијата за филмот Surviving Picasso снимен во 1996 година со Ентони Хопкинс во главна улога.
Животот со Пикасо не бил воопшто лесен. Според Франсоа имало моменти на нежност и внимание, но и денови што едноставно сакала да ги заборави.
Сепак љубовта и восхитот кон талентираниот уметник биле големи, па Франсоа долги години го трпела и неистрпливото.
Таа уште како мала наишла на невозвратена љубов и неразбирање од својот татко, кој бил премногу строг и на терал да студира право.
Тоа ја натерало да се оттргне од буржоаското воспитување и да се оддаде на боемски живот.
На само 21 година започнува да живее со Пикасо, кој тогаш имал 61 година и бил на врвот на славата.
Сликала во неговото ателје и се грижела за многу работи во домот. Во текот на 10-те заеднички години тие добиле и две деца Клод и Палома.
Покрај темпераментот на Пикасо, Жило се справувала и со неговата поранешна сопруга Олга Хохлова и оставената љубовница Дора Мар.
Чашата се прелила во 1953 година, кога однесувањето на егоцентричниот Пикасо веќе станало неиздржливо, па Франсоа заедно со двете нивни деца го напушта.
За сето време таа не престанува да слика, но по заминувњето од домот на Пикасо наидува на одбивање од луѓето со кои порано соработувала.
Според тоа што го пишува во книгата самиот Пикасо ги одвраќал од соработката со Жило, сакајќи да ѝ докаже дека таа без него не вреди ништо.
Во 1955 година Франсоа се мажи за уметникот Лук Симон со кој ќе добие ќерка. По седум години се разведуваат, за во 1970-та да се омажи за Џонас Салк, кој работеше на развивање на вакцина против детска парализа.
Жило остана со Салк се до неговата смрт во 1995-та.
Франсоа има изјавено дека во животот треба да си помалку наивен и спонтан и дека најчесто првата мисла што ќе ти падне на памет е таа вистинската.
Животот го гледам како лавиринт. Не се обидувајте да се противите, одете каде што ве води. Или пак...тргнете по другиот пат.
Фото:Pinterest