Манифестацијата „Звукот на Скопје" почнува в петок (16 септември) и на градот му носи свежина и нова енергија преку содржините што ги нуди. Музички ѕвезди, инспиративни изложби, театарска претстава за деца, поезија...Скопјани викендов ќе имаат забава за паметење.
Плоштадот пред Филхармонијата („Мајка Тереза") е местото каде в петок ќе настапи Констракта и „Земља грува", која годинава ја претставуваше Србија на натпреварот за најдобра песна на Евровизија и предизвика големо интересирање во регионалната, но и европската јавност и медиуми со впечатливиот сценски настап, ангажираноста и пораките кои ги испрати преку својата изведба. Нејзината оригиналност и писменост, која е „во судир" со сета поп, фолк и турбофолк музика распространета во Србија и во екс-југословенскиот регион ја издигнува над постоечките жанрови и нуди поинаков универзум. Според критичарите нејзината музика се смета за „претставување на светот, земјата, климата, уметноста и културата на кои таа и многу луѓе припаѓаат".
На настапот на Констракта, му претходи младиот панк бенд „Хајка" од Скопје. Станува збор за бенд од помладата генерација, инспирирани од минатото и бит-генерацијата.
Досега имаат издадено едно EP и еден албум, а во поддготовка е и вториот албум „Мека Машина". Младите музичари имаа забележителни настапи на „Здраво Млади" и „Земјотрес" и токму тие ќе го отворат „Звукот на Скопје" на 16 септември, а по нив следува настапот на Дина Јашари & другари, која е најголемото освежување на новата македонска музичка сцена. Извонредниот пристап кон пишувањето песни, прекрасните сонливи аранжмани, емотивни лирики, современа, модерна и свежа продукција и секако, хипнотизирачките настапи во живо со полно право ја ставаат Дина на пиедесталот на новата локална музичка сцена. Минатата година го издаде своето прво EP насловено „Дома" кое ја зацврсти на мапата како една од најталентираните млади артистки на Балканот.
Низ чаршијата, љубителите на класичната музика ќе имаат можност да го проследат настапот на гудачкиот квартет „Вива стрингс". Овој класичен камерен состав го сочинуваат: Елена Талевска, прва виолина, Димитар Михајловски, втора виолина, Дубравка Зајкова, виола и Дејан Теодосиевски, виолончело.
Од своето оформување целта на „Вива Стрингс" квартетот е заедничко музицирање, изнаоѓање на алтернативен простор за сопствена афирмација, за сопствен израз, презентирање и етаблирање на сите негови членови. „Вива Стрингс" се редовен претставник на камерното музицирање и недвосмислено ја етаблираат класичната музика и квалитетната уметност на пошироката публика. Неговите членови се дел од Македонска филхармонија, каде важат за истакнати и докажани професионалци.
Diaz Wojtas Duo ќе настапат пред Стоковната куќа „Мост", а за љубителите на ликовната уметност, Културно информативниот центар-Скопје, кој е организатор на манифестацијата „Звукот на Сопје", в петок овозможи да се погледне изложбата „MACEDONIA"од бразилските уметници Даниел Kастинет ( Daniel Chastinet) и Вилсон Нето (Wilson Neto) во просториите на КИЦ (Империјал I). Двајцата автори во 2019 година учествувале на уметничката резиденција Де Ниро во Битола и оттаму ги пренесуваат своите скици и цртежи, материјални и нематеријални интернализирани визуелни и душевни записи. Нивната изложба „Македонија" е разговор меѓу два света, покана за приближување и поместување на границите меѓу местата и културите, изложба што го слави пријателството. Двајцата уметници, со духот на блискоста, во своите дела биле водени од новите простори, кои ги содржеле старите византиски фрески, кули направени со лушпи од јајца, уличките и манастирите, статуите без глава, иконите со издлабени очи, џамиите...Зборуваат за нивните чувства, соништа, нивните села, нивниот светоглед.
Програмата на „Звукот на Скопје" во сабота (17 септември) продолжува со несмалено темпо и содржини. Бендовите кои ќе настапат на плоштадот „Мајка Тереза" (пред Филхармонија) и на Ибни Пајко испраќаат модерна, моќна и енергична музичка разгледница за Скопје.
Плоштадот Мајка Тереза (пред зградата на Филхармонија) в сабота е локацијата на која настапуваат: Брука бенд (Brooka bаnd) Foolish Green, Bla, Bla, Bla...Тони Китановски и Черкези и „Љубојна".
„Brooka band" е скопски реге/рага/рап бенд формиран 2014 година чии членови се: Жарко и Дарко Масларковски, Александар Савовски и Лупчо Симоновски, а во полниот состав на бендот се и вокали, тапани, гитара, бас гитара, клавијатури, труба, алт саксофон, тенор саксофон, тромбон, перкусии и ди џеј. Во 2018 година го издадоа албумот „До Преѓе" кој има над 400.000 преслушувања на јутуб и едно ЕП во 2020, како и неколку синглови.
Групата „Foolish Green" на локалната сцена се појавува во 2010 година како јасна идеја на Ненад Стефаноски за создавање музика со широка разновидност на влијанија од психоделичните поп и рокенрол жанрови. Членовите Ненад Стефаноски - вокал и гитара, Драган Стојковски - бас гитара, Петар Лукиќ — пијано и клавијатури, Александар Ванчовски — тапани и перкусии и Ади Имери — гитара и вокал преку користењето алтернативни методи за снимање и за создавање хармонични гласови над музичките структури, од „Foolish Green" создадоа еден од највозбудливите и најинтересни состави на актуелната македонска музичка сцена.
Тони Китановски и Черкези уште еднаш пред скопската публика ќе се претстават со автентичен израз и ќе покажат дека спојувањето на љубопитните музички духови на Китановски и дувачкиот оркестар на Черкез Рашид произведе многу оригинални ефекти и остави печат на меѓународната сцена изминативе петнаесетина години. Фузијата на џезот со ромската музичка традиција стана движечка сила на нивните музички потфати. Првите години на составот беа обележани со звукот на три генерации музичари од семејството Рашид, а Тони го истакнуваше автентичен индивидуален израз на секој музичар при креирањето на оригинални композиции и аранжмани за овој оркестар.
„Љубојна" или „љубов" и „бој", еден од најпознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, најавтентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. „Љубојна" не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер саунд од една заборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Вера Милошевска заедно со Оливер Јосифовски веќе 15 години ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
„За Скопје со љубов" е проект на групата „Баклава" со авторски песни посветени на градот Скопје, кој ќе го проследиме на плоштадот Ибни Пајко. Авторката Елена Христова ја црпи инспирацијата која од убавините на Скопје и од приказните кои градот ги раскажува. Ова е вид музичка разгледница за Скопје која со љубов на оргинален и автентичен начин ја сведочи и афирмира културата и убавината на нашиот град која наскоро ќе се најде и на носач на звук. Се работи за 15 нови авторски песни, приказни, фотографии и кратки видеа кои Елена Христова, како пејачка, музичарка, композиторка, истражувачка и документаристка ќе ги изведе пред локалната публика.
Во музичкиот дел од програмата предвидена да се изведе на плоштадот Ибни Пајко ќе настапат и Дориан и Добрила Дуо и „Перија".
Добрила и Дориан ја започнуваат својата соработка уште во 2009 година во Чалгија саунд систем – бенд кој до денес ја негува традиционалната чалгиска музика (албумот Чалгија саунд систем, 2010 година Profundus), но и ја осовременуваат во нивниот втор авторски албум наречен Тихувај (Профундус 2019). Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот Добрила и Дориан Дуо и првиот заеднички албум наречен Апокриф (SJF Records 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело.
„Перија" е музички состав кој може да се класифицира како dark folk или world music. Нивната музика е експеримент составен од музичките влијанија на членовите (Катерина Димитровска, Огнен Златанов, Леа Милиновиќ и Деа-Делина Плевнеш), кои варираат околу традиционалната музика на балканот, макамите од Блискиот Исток, пост-панкот, атоналната музика, итн. Текстовите на песните се на различни јазици од балканот, нивната идеја е едноставна: заедништво, неподеленост, неомраза...а темите на кои се нафаќаат се често деликатни општествени теми.
На плоштадот Ибни Пајко ќе може да се погледне и изложбата на колажи „Егзотика/Еротика" на Игор Калц, кој на духовит и ироничен начин си поигрува со препознатливи визуелни елементи, креирајќи нова реалност. Калц преку случаен избор на симболи и значења (елементи на еротско, митско, мистично, фантастично, надреално...) создава неочекувана реалност во која лежи магијата и убавината на колажната техника.
Поетското читање на вљубениците на пишаниот збор ќе им понуди пријатна средба со стихови, бидејќи поетите создаваат пред се за да го усовршат светот и ја поместуваат стварност до крајни граници.
Најмладите и нивните родители ќе имаат можност да ја проследат детската престава „Куферко светскиот патник од Македонија" на Симона Ристевска, која на сликовит начин создава визија за Куферко - мало, љубопитно, срамежливо но, и темпераментно куферче, кое секогаш успева да биде во центарот на вниманието