Семејство е сè што сакам: Преку 10.000 Американци сакаат да го посвојат ова момче

20 август 2020

„Се надевам дека некој ќе ме одбере. Би сакал да имам мајка и татко, или макар еден родител. Не ми е важно, само да имам дом“.  Вака накратко гласи пораката на 9-годишниот Џордан од Оклахома, која стана вирална, а после која преку 10.000 Американци сакаат да го посвојат.

Од тригодишна возраст живее во центар за згрижување. На прашањето на новинарката кои се неговите три најпосакувани желби и да може да бира на кое место би сакал да биде во моментов, тој вели: „Семејство, семејство и семејство, не ми треба ништо друго. Би сакал да бидам на забава за моето посвојување“. Тој додава дека би сакал некое семејство да го посвои за да го сакаат, да има со кого да разговара и да се грижи за него.

„Ова е многу важно, бидејќи сакам да имам семејство со кое ќе можам да зборувам кога ќе имам потреба. Се надевам некој од вас ќе ме одбере“, искрен е малиот Џордан.

Кога ќе порасне сака да стане полицаец, затоа што тие ги заштитуваат луѓето.

Како пренесуваат странските медиуми, повеќе од 10.000 апликации пристигнале во канцеларијата на центарот во текот на една недела откако првично е објавена веста, а оттаму велат дека сакаат Џордан да биде посвоен од семејство во Оклахома, за да може да го гледа неговиот брат Брејсон, кој е веќе посвоен и со кого сè поретко се гледаат поради тоа.

Инаку, и двајцата се снимени пред неколку години, а во меѓувреме среќата му се насмевнала на помалиот брат.

Се надеваме дека и Џордан сега ќе добие дом и семејство со многу љубов, како што заслужува секое дете на овој свет.

Од „Си-Ен-Ен“ пренесуваат дека идните родители на малиот Џордан ќе бидат подложни на темелни испрашувања, особено бидејќи, наскоро 10-годишното момче, во досегашниот живот доживеално мошне стресни и трауматични ситуации.

 

Објавено:
20 август 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.181 пати