„Која е цената на лагата" е прашањето со кое започнува хит серија „Чернобил" во продукција на „Sky Original", а преку развојот на приказната го дава и одговорот.
Една од најголемите катастрофи во историјата на човештвото, а воедно и најчуваната руска тајна, експлозијата во нуклераната централа Чернобил во Припјат, Украина , интригите и последиците, е темата што се обработува во серијата која за кратко време ги престигна омилените „Game of Thrones" и „Breaking Bad".
За неполн месец, откако првата од вкупно петте епизоди беше емитувана на 7. мај, „Чернобил" успеа да се искачи на врвот на листата на најгледани на IMDB во секцијата за филм и телевизија, со рејтинг 9.7!
Авторот на серијата Крег Мазин и режисерот Јохан Ренс, преку сурово реалистичен приказ на нуклеарната катастрофа, ја соочуваат публиката со човечката бруталност и хоророт како последица на личните и политичките интереси.
Одличниот кастинг е еден од клучните сегменти за автентично доловување на ликовите - Џеред Харис, Стелан Скасгард, Емили Вотсон и Џеси Бакли се во главните улоги.
Првата епизода ја гледале околу 2 милиони луѓе. Последната, петата епизода премиерно ќе биде емитувана на 3. јуни на HBO.