„Slowscapes“: Изложба на македонска мода и дизајн од 14. до 21. декември

10 декември 2018

Во петок, 14. Декември во 18 часот во галеријата Акантус во Скопје ќе биде отворена групната изложба насловена како „Slowscapes“.

Македонските модни брендови Арма, Петел Паун, Лудус, Марта Пејоска, Нина Нине, Биби Клекачкоска и Мима Пејоска ќе ги понудат на продажба своите најнови колекции во амбиент пригоден за престојните празници.

„Slow fashion“ e алтернатива на брзата мода и се заснова на принципи како добар квалитет, чиста средина и фер однос кон клиентите и работниците.

Предизвикот да се најдат македонски брендови што припаѓаат на движењето „slow fashion“ беше лична цел на кураторот Драган Христов кој стои зад македонскиот моден бренд Лудус.

Со таква идеја во заднината, „Slowscapes“ буквално ќе даде приказ на селекција од македонски модни брендови што се припадници на движењето.

Селектираните брендови се главно етаблирани и познати на нашата публика, но покрај нив ќе бидат презентирани и неколку нови.

Заедничкиот елемент кај сите нив е квалитетниот производ, што најчесто е претставуван на интернационалниот пазар, внимателно селектирани материјали и современ дизајн.

Изложбата ќе има комерцијален карактер и е одлична прилика за алтернативен избор за подароци за претстојните празници.

Галеријата Акантус се наоѓа на улица „Орце Николов“ бр. 99 во скопското Дебар маало, а изложбата „Slowscapes“ ќе биде отворена во сабота и недела од 13 до 16 часот и секој работен ден од 12 до 21 часот, освен понеделник, од 14 - ти до 21 - ви декември. 

Објавено:
10 декември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
103 пати