Вечерва, 9-ти мај, со почеток во 19:00 часот, во Галеријата на Младинскиот Културен Центар ќе биде отворена студентска изложба од Факултетот за Уметност и Дизајн на Меѓународниот Балкански Универзитет.
Во Галеријата на МКЦ, посетитетелите ќе имаат прилика да видат студентски дела изработени во традиционални медиуми како дел од работните задачи на Факултетот за Уметност и Дизајн.
"Изложбата претставува одбележување на соработката помеѓу двете институции и нивниот придонес во културната и социјална едукација на младите. Студентското претставување пред пошироката јавност ќе ги прикаже нивните креативни, иновативни и уметнички способности преку негувањето на традиционалните ликовни дисциплини како што е цртежот, графиката и сликарството. Оваа иницијатива ги поддржува младите уметници да продолжат да ги градат своите креативни идеи, како и одлична можност да се сретнат со публика и критика надвор од образовниот процес. Со тоа им се овозможува реална пракса и поблиска интеракција со нивната идна професија. Младински Културен Центар отсекогаш претставувал простор за стимулирање на младата публика кое е од големо значење за формирањето и влијанието на културниот развој во заедницата." - велат од МКЦ.
Изложбата ќе биде отворена до 14.05.2024 година.