Оскаровецот, сценарист и режисер Вуди Ален е подготвен да започне една од најголемите соработки во својата кариера. Amazon Studios потпиша договор со ветеранот и филмски режисер кој треба да го напише сценариото и да режира свое телевизиско шоу кое ќе носи наслов „The Untitled Woody Allen Project“.
„Јас навистина не знам како влегов во овој проект. Немам идеи и не знам како да почнам. По моја претпоставка сметам дека Амазон ќе жалат за оваа соработка, но од друга страна тие се толку сигурни во себе и во тоа дека се ќе заврши со успех. Дури и ветија креативен, возбудлив проект со оригинални содржини на сите свои интернет гледачи“, изјавува Ален за светските медиуми.
Потпретседателот на Amazon Studio’s, Рој Прајс во официјалното соопштение до медиумите вели дека за нив ваквата соработка претставува навистина огромна чест.
„Ален е познат по своето хумористично и бавно темпо во однос на реализацијата на филмските приказни кои најчесто раскажуваат животни секојдневија проткаени со љубов. Затоа сметам дека транзицијата од работа на платно кон работа на ТВ екран ќе биде голем предизвик за Вуди и мислам дека и тој самиот е љубопитен да види какво креативно парче ќе излезе на крај“, додаде потпретседателот.
Публиката на ова врати со позитивни коментари и се надева дека ќе може да го види Ален во некоја епизода од шоуто, бидејќи тоа е пракса која се провлекува во сите негови филмови.
Соопштението доаѓа неколку дена по триумфот на Амазон на „Златните Глобуси“, каде нивната серија „Transparent“ влезе во историјата и ја доби наградата за најдобра серија.