Речиси и да не постои човек кој не сака да патува. Можноста да се посети нова земја и да се ужива во нејзините убавини, природа, култура и историја е несомнено значаен фактор во културниот развој на секој човек.
Дел од нас претпочитаат да играат на „сигурна карта" и се фокусираат на популарни туристички места или луксузни дестинации кои најчесто ги рекламираат инфлуенсерите на социјалните мрежи. Но оние со малку посилен авантуристички дух, би се согласиле на необични и егзотични патувања во секој момент, па и по цена нивната безбедост да не е загарантирана на овие патувања.
Yes Theory е американски бренд за дигитални медиуми изграден брз основа на YouTube канал кој нуди виртуелни патувања токму од таков (и поширок) вид за оние кои сакаат да научат повеќе за културите и историјата на далечни и помалку познати земји, но не се чувствуваат лично подготвени да пропатуваат дотаму.
Yes Theory е основан во Монтреал, Квебек, во 2015 година од Томас Браг, Амар Кандил, Мет Дајер и Дерин Емре, и нивниот YouTube канал за првпат го привлече вниманието на националните медиуми во ноември 2015 година со нивната порака за инклузивност по терористичките напади во Бејрут и Кенија.
Со својата одлична техничка и ментална подготвеност, широко познавање и искрена желба за откривање и пренесување на вистинската слика за некои од најнедостапните локации во светот за широката публика, тимот на Yes Theory подготвува содржина која целосно ги заслужива сите пофалби.
Странските медиуми за Yes Theory ќе речат: „постојано зрачат со позитивност и промовираат живеење живот со отворен ум, токму она што му треба на YouTube и на светот".
Нивните професионално снимени и едитирани видео материјали, одлично подготвени интервјуа со внимателно избрани соговорници, нудат незаборавно искуство на странските култури на свеж и автентичен начин, небаре гледачот е таму на лице место со нив.
Почетоците на Yes Theory
Приказната на Yes Theory започнува во 2015 година во Монтреал како серија предизвици организирани од Мет и Томас, со помош од Амар и Дерин, под името „Проект 30".
Во тој период, Томас и Мет стапиле во контакт со Амар и организирале планови за искачување на пирамидите во Гиза, а оттогаш започнале да креираат предизвици со цел да се „турнат себеси вон својата комфорт зона". Снимените и објавените предизвици на YouTube каналот ѝм донесе 2000 следбеници до крајот на месецот, а потоа групата го промени своето име во „Generation Y Not".
Кон крајот на 2015 година, Yes Theory доби понуда да се пресели во Венеција, Калифорнија и да биде платена за правење видеа од подружницата на Snapchat Vertical Networks.
Како дел од еден од нивните први проекти, тие успешно му се обратија на премиерот на Канада, Џастин Трудо, за божиќна честитка, која ја продадоа во добротворни цели, а приходот одеше за сириските бегалци. По пофалбите од страна на премиерот и носвостекнатиот успех и виралност, Yes Theory добија буџет да ги снимат своите први 30 видеа. Во јануари 2016 година, групата отпатува на Карибите за да продолжи со своите медиумски потфати.
Во мај 2016 година, групата повторно го промени своето име, овојпат во „Yes Theory".
Оттогаш наваму, Yes Theory снимија голем број вирални предизвици и филмови, вклучувајќи го и предизвикот во кој го натераа актерот Вил Смит да скокне со банџи од хеликоптер над Големиот Кањон.
Во февруари 2019 година, тие го објавија Frozen Alive, долгометражниот документарен филм за есктремниот спортист Вим Хоф, кој следеше по посетата на Полска каде што поминаа четири дена со Хоф, ги научија неговите методи и се искачија на планина, сето тоа топлес и со голи нозе на температури до -20 °C, како подвиг за издржливост.
Во септември истата година, тие го објавија The Lost Pyramid, долгометражен документарен филм за нивната авантура низ џунглата во Гватемала за да го посетат Ел Мирадор и да се искачат на претходно непознатата пирамида Ла Данта, а во септември следната година, Амар го објави својот автобиографски документарец „Free Child" во партнерство со Google.
Во меѓувреме, Yes Theory ја полнат својата видео архива со некои од најгледаните и најуспешните видеа на платформата YouTube.
Па, доколку ве интересира како изгледа да бидете монах во Тајланд; да поминете 24 часта во Јужна Кореја без пари; да патувате со вашиот доставувач на пица низ светот; да го посетите напуштениот „Остров на Смртта" во Италија; да ја посетите најмалку посетената земја во светот; да ја посетите најсреќната земја на светот, најтоплата, најстудената или пак најлошата „според резултатите на Google"; да ги посетите празните вештачки острови на Дубаи; да го видите најрадиоактивното место на светот; да посетите земја која не постои на светската мапа; да поминете цела седмица во Сирија; да го посетите последниот град во Европа каде што не постојат закони или пак островот каде што луѓето „одбиваат да умрат", каналот на Yes Theory ќе ви го понуди сето тоа искуство од удобноста на вашиот дом.