Задолжителни модни четива за 2015 година

21 јануари 2015

Ив Сен Лоран, Марио Тестино, Армани...Фамозни имиња чиј придонес во модата придонесе засекогаш да се промени креативниот процес, а личните карактеристики, особености и искуства се неисцрпна тема за ново модно четиво.

Без разлика дали сте вљубени во модата или не, сепак збогатувањето со нови и интересни информации од било која сфера е неисцрпен процес. Доколку сте заинтересирани да ја збогатите вашата домашна архива, тогаш ние ќе ви предложиме неколку книги кои ќе бидат актуелни оваа 2015 година.

Yves Saint Laurent: Mirror and Secrets ќе ви открие тајни од исконскиот бренд кои до сега не сте ги знаеле. Ова издание ќе биде пуштено во продажба од февруари.

Патувањата и модата се спојуваат во книгата #Carlo's Places. Долгогодишниот амбасадор на Валентино, Карлос Соуз за извршување на работните обврски, но и приватно, го има прошетано речиси целиот свет и во книгата ги открива и споделува своите искуства. Книгата веќе е дел од полиците на светските книжарници.

Едно од најочекуваните дела кое покрај визуелната естетика плени и со фактот дека ќе се открие и првата биографија за Giorgio Armani, во продажба ќе може да се најде од мај оваа година.

Kenzine: Volume III е неконвенционален спој на модата и уметноста, но исто така мораме да истакнеме дека е и убав декор за во домот, а лансирањето на книгата ќе биде во март.

Компилацијата од најдобрите дела на фотографот Марио Тестино ќе бидат сумирани во едно дело со наслов Mario Testino. In Your Face чија дата на официјална продажба сеуште не е потврдена.

Модниот провокатор Гај Бурден својата посвета ќе ја добие во форма на книгата Guy Bourdin: A Message For You, во која ќе бидат вметнати скици, фотографии и песни и ќе биде вистински подарок за сите вљубеници во ликот и делото на Бурден.

Models of Influence е дело посветено на некои од најпрепознатливите лица од модната индустрија, со фотографии кои датираат од 1940 година, па до ден денес.

Објавено:
21 јануари 2015
Категорија: 
Култура