Започна со работа „Бостание“ - првата урбана градина во Скопје

26 август 2021

Од Град Скопје вчера соопштија дека првата урбана градина во главниот град, „Бостание“, сместена во паркот Ново Лисиче, од денеска почнува со работа, односно е отворена и за посетителите.

„Урбаното градинарство кое зема се поголем замав во градовите низ светот има за цел дружење и зближување на граѓаните преку претворање на јавните површини во градини, односно во оази за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите. Одржливоста на урбаните градини е заснована на примена на дизајн на самиот терен, при што се земаат предвид сите елементи како што се: микроклимата, геологијата на теренот, искуствата на заедницата во одгледувањето на различните градинарски култури, снабдувањето со вода, електрична енергија, пристапни патишта и друго“, велат од Град Скопје.

Оттаму се надеваат дека успешната изведба и одржување на првата урбана градина преку заедничкото делување на локалната самоуправа и граѓаните ќе биде поттик за граѓански иницијативи за уредување вакви урбани градини и на други погодни локации во Скопје.

„На тој начин, покрај поголемото учество на граѓаните во креирањето на поотпорна и поздрава животна средина и соработката со локалната власт, како и преку личната и споделената одговорност за одржување на градините и поголемото чувство за припадност кон заедницата, ќе се обезбедат поголем број на микроклиматски оази кои ќе ги задоволат рекреативните или едукативните потреби на скопјани“.

Инаку, „Бостание“ постои благодарение на проектот на здружението на граѓани „Зелена Арка", реализиран со финансиска поддршка на Град Скопје (2 милиони денари), а во соработка со Општина Аеродром, ЈП „Паркови и зеленило", Шумарскиот факултет, Градежниот институт и повеќе општествено одговорни компании.

Исто така, обезбедена и практична обука за одржливо градинарство на учесниците на заедницата, граѓани-градинари, од страна на стручен кадар од таа област.

Се надеваме дека „Бостание“ ќе покрене и други иницијативи, за општо добро и поздрав живот!

Посетете ја, доживувањето ќе ви биде уште поинтензивно!

 

Фото: Град Скопје

Објавено:
26 август 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.229 пати