Домашниот миленик е најдобриот пријател на човекот. Не постои љубител на животните и сопственик на миленик кој не би се согласил со оваа изрека.
Пости солиден број на причини зошто луѓето толку се приврзуваат за своите крзнени пријатели и зошто неретко ги сметаат за вистински членови на семејството. Покрај неограничената среќа и забава која загарантирано доаѓа по одредено време поминато со припитомено животно, постојат голем број научни трудови кои ги поткрепуваат исказите дека чувањето миленик доаѓа со значајни придобивки за физичкото и менталното здравје.
Истражувањата покажуваат дека домашните миленици значително го подобруваат здравјето и расположението; можат да помогнат во олеснување на депресијата, анксиозноста, осаменоста; да го намалат стресот и да го подобрат здравјето на срцето. Особено позитивни резултати биле забележани при истражување на примери каде сопствениците имале чест и директен физички контакт со своето милениче.
Држењето на миленичето во прегратка директно влијае врз поголемо лачење на хормонот за среќа, птиците можат да поттикнат социјална интеракција и да ви помогнат да го задржите вашиот ум остар во вашата старост, змиите, гуштерите и другите влекачи се одлични егзотични придружници, па дури и гледањето на риби во аквариум може да помогне да се намали мускулната тензија и да се регулира крвниот притисок.
Како милениците го подобруваат физичкото здравје?
Едногодишно истражување на Институтот за здравје во Нортвестерн Мемориал, Чикаго покажа дека шетањето на куче со прекумерна тежина им помогнало и на животните и на нивните сопственици да се ослободат од несаканите килограми. Истражувачите откриле дека кучињата пружале поддршка на сличен начин како човек, но со поголема конзистентност и без никакво негативно влијание.
Друга студија на Истражувачкиот центар за интеракција меѓу луѓето и животните покажува дека жителите на јавните станови кои шетаат терапевтски кучиња до 20 минути, пет дена во неделата, изгубиле во просек 14,4 килограми годишно, без да ја променат нивната исхрана. Третото истражување, спроведено од производителот на храна за кучиња Mars Petcare, покажува дека луѓето со куче пешачат 30 минути повеќе неделно отколку пред да поседуваат куче.
Дополнително, истражувањата докажуваат дека луѓето со домашни миленици имаат понизок крвен притисок во стресни ситуации од оние без миленичиња. Една студија дури покажа дека кога луѓето со гранична хипертензија посвоиле кучиња од засолниште, нивниот крвен притисок значително се намалил во рок од пет месеци. Сопствениците на домашни миленици имаат пониски нивоа на триглицериди и холестерол (показатели за срцеви заболувања) од оние без домашни миленици, а потребата за посета на лекар кај сопствениците на домашни миленици постари од 65 години е намалена за 30 проценти во споредба со оние без миленичиња.
Како милениците го подобруваат менталното здравје?
Сопствениците на домашни миленици имаат помала веројатност да страдаат од депресија отколку оние без миленичиња. Физичкиот контакт со куче, мачка или друго милениче може да го подигне нивото на серотонин и допамин, кои смируваат и релаксираат, па така, милениците докажано помагаат во олеснувањето на симптомите на депресија, анксиозност, стрес, биполарно растројство и ПТСН.
Дружењето со домашно милениче може да ја олесни и осаменоста, да го подобри вашето расположение, да ве мотивира да излезете и да запознаете нови луѓе и значително да ја олесни депресијата. Овој терапефтски ефект на домашните миленици се согледува дури и кај затвореници во затвор кои покажуваат долготрајни промени во нивното однесување по интеракција со домашни миленици.
Истражувања потврдуваат дека луѓето кои ја поминаа домашната изолација како последица од пандемијата заедно со нивните миленици, забележале значително помало ниво на анкциозност, стрес, депресија и самотија, а чувството дека имаат кому да пружат грижа секојдневно, претставувало мотивација за одржување на секојдневните рутини и активност.
Придобивките од домашни миленици за децата
Децата кои растат со домашни миленици имаат помал ризик од алергии и астма, а наедно и се учат на одговорност, сочувство и емпатија од најрана возраст.
Присуството на домашен миленик може да помогне да се зацврсти чувството на сигурност кај децата, а со тоа и да се намали анксиозноста од одвојувањето од родителите. Дружењето со домашно милениче може да му помогне на детето да развие позитивна слика за себе, а децата кои се емотивно врзани за своите миленици се поспособни да градат односи со другите луѓе.
Истражувањата исто така покажуваат дека домашните миленици можат да помогнат во смирување на хиперактивни или премногу агресивни деца. Дополнително, децата кои разговараат со своето милениче покажуваат намален страв од отфрлање, што им овозможува да ја изградат својата самодоверба, па дури и нивниот вокабулар. Домашните миленици можат да им помогнат на децата со потешкотии во учењето да научат како да го регулираат стресот и да се смират себеси.
Неретко, децата кои се справуваат со нарушувања во учењето и други предизвици, како аутизам, покажуваат подобра способност да комуницираат со домашни миленици отколку со луѓето. Децата со аутизам, зависно од тоа каде се наоѓаат на спектрумот, често се потпираат на невербални знаци за да комуницираат, исто како и животните.
Милениците им помагаат на возрасните со Алцхајмерова болест или деменција
Пациентите со Алцхајмерова болест неретко покажуваат промени во однесувањето и неможност да се справат со стресот. Истражувањето на Универзитетот во Калифорнија во Дејвис заклучи дека пациентите со Алцхајмерова болест значително помалку страдаат од стрес и имаат помалку агресивното однесување и анксиозни напади доколку во домот има куче или мачка.
Земајќи предвид дека кучињата бараат поголема физичка активност, мачките или животните во кафез може да бидат посоодветни за пациентите со Алцхајмерова болест.
Па затоа, доколку се двоумите дали да ги отворите вратите од својот дом и да примите нов член на семејството во него, можеби е време да почнете сериозно да размислувате.
Фото: Pinterest.