Во светските медиуми вчера одекна веста дека во Зоолошката градина во Бронкс, Њујорк, тигар е позитивен на Ковид -19. Тој е воедно првото заразено животно и тигар, не само во САД, туку и во светот.
Како пренесува „Би-би-си“, се работи за четиригодишна женка, со име Надиа, која била во контакт со уште шест други големи мачки (тигрови и лавови), а вирусот ѝ го пренел вработен од зоолошката кој се грижел за нив, кој асимптоматски бил заразен од корона.
Надиа почнала да покажува симптоми на 27 март, пред сè на сува кашлица, додека останатите мачки кои се уште не се тестирани имаат само губење на апетитот, инаку се во добра состојба, велат од зоолошката.
View this post on Instagram
„Ова е првпат некој од нас и воопшто во светот да биде сведок на случај каде животното е инфицирано од човек и се разболело“, вели ветеринарот во зоолошката, Пол Клиф.
Тој додава дека другите животни во зоолошката се во добра здравствена состојба. Оттаму велат дека сè уште не е познато како вирусот се развива кај животните, како и дека кај различни животни може различно да се рефлектира, па затоа подеднакво и внимателно ги набљудуваат сите жители на зоолошката.
Инаку, сите четири зоолошки што се под управа на градот Њујорк, вклучувајќи ја и оваа во Бронкс, се затворени за посетители уште од 16 март.
Претходно Светската здравствена организација соопшти дека домашните миленичиња се безбедни, односно дека вирусот не се пренесува преку мачки и кучиња, но овој случај фрла ново светло врз целата ситуација.
Светската организација за здравјето на животните апелира дека веќе се работи на испитување на случајот и дека сите што се заразени, а имаат домашни миленичиња, да го ограничат контактот со нив.
Досега во светот се откриени изолирани случаи каде домашни миленици биле позитивни на тестирањето за коронавирус, но немаше докази дека животните можат да се разболат или да ја шират болеста
Стручните лица за заштита на природната средина, како пренесува „Би-би-си“, претходно предупредиле дека вирусот може да претставува закана за некои диви животни, како големите мајмуни, нагласувајќи дека треба да се преземат мерки за да се редуцира ризикот од дивите горили, шимпанза и орангутани.