Кери Бредшо (Сара Џесика Паркер), Миранда Хобс (Синтија Никсон) и Шарлот Јорк (Кристин Дејвис) вчера се обединија на специјален настан во Њујорк, организиран во чест на 25-годишнината од „Sex and The City" – култната серија која испиша своја историја во американската телевизиска продукција.
Трите хероини од серијата, позираа пред специјално дизајнираната реплика од познатиот апартман на Кери Бредшо во серијата, а воедно настанот вклучуваше и една мала ретроспективна изложба со фотографии од различни моменти од сценариото низ годините, се разбира со главните ликови.
Кери Бредшо, преку серијата се изгради како една од највлијателните модни икони од својата генерација, а титулата ја оправда и овојпат, појавувајќи се на настанот во совршена металик-златна креација надополнета со накит и елегантни сандали. Ништо помалку впечатливи не беа и нејзините колешки, Кристин Дејвис во безвременски елегантен црн фустан и Синтија Никсон во плисирана црн0-бела креација.
Актерките периодов се повторно актуелни и со второто продолжение на серијата „And Just Like That...", која ќе започне да се емитува на 22 јуни на медиумската платформа HBO, а она што се најавува како интересен момент е повторното појавување во една кратка сцена на нивната четврта колешка Ким Катрал како Саманта.
Првото продолжение од серијата ги подели впечатоците на публиката, па со нетрпение очекуваме да видиме како ќе се развива приказната и дали ќе ги врати симпатиите на сите фанови на серијата.