Дизајнерот Џорџо Армани ќе биде официјалниот спонзор на гала вечерата што ќе ја организира фондацијата на тенисерот Новак Ѓоковиќ, насловена како „Фондацијата на Новак Ѓоковиќ и пријателите“, што ќе се одржи на 20-ти септември во Милано.
Всушност, настанот во историското здание, замокот „Сфорзеско“, ќе трае три дена, и ќе се поклопи со започнувањето на модната недела во Њујорк.
Освен вечерата, останатите два дена, ќе се одржат тениските мечеви во кои ќе учествуваат познати личности. А, кога сме веќе кај нив, јасно е дека Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена ќе се потрудат да ги соберат најеминентните личности од светот на модата, тенисот и деловниот свет.
На гала вечерата на 20-ти септември, ќе има и приватна аукција со предмети од тениската ѕвезда и други специјални гости.
Веќе следниот ден, Серена Вилијамс ќе се натпреварува со Флавија Пенета. На Флавија потоа ќе ѝ се придружи и Новак, па заедно ќе се обидат да ги победат Серена и нејзиниот партнер на теренот, Фабио Фоњини.
На 22-ри пак, Ѓоковиќ ќе го предизвика Рафаел Надал.
Целта на познатата двојка е преку овој настан да ги зголеми средствата на Фондацијата, а со тоа да може да оствари што поголеми долгорочни цели во областа на образованието.
Имено, од 2007 година, до денес Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“ успеа да овозможи едукација на преку 10.000 деца.