Како се создава мода? Постојат различни начини кои се користат во нејзиното креирање преку измислување на нови идеи, наметнување трендови и градење автентични модни визии. Има и такви кои веќе постоечките модели и кроеви ги трансформираат во нешто ново, вметнувајќи личен печат кој е карактеристичен за ДНК-то на модната куќа. Џанфранко Фере е еден од тие модни идеолози кој веќе 20 години наназад ја ткае приказната за популарната бела кошула, која не само што стана негов заштитен белег, туку и лична метафора на неговиот стил.
Како резултат на неговата креативна работа токму во тој сектор Музејот за Текстил во Прато, Италија организира изложба каде ќе биде претставен целиот процес од идеа до реализација под мотото „La camicia bianca secondo me“( Белата кошула според мене), а ќе трае од 1 февруари до 15 јуни 2014 година.
Настан кој ја раскажува стилската еволуција на дизајнерот кој почина во 2007 година, поткрепена со неговата изјава дека:
„Постојаната потрага по новото, но истовремено не потценувајќи ја љубовта кон традицијата е вистинската тајна која води кон успех.“
Белешките на Фере, кои се сочувани од страна на Фондацијата која го носи неговото име, основана во 2008 година, ќе и бидат ставени на располагање на јавноста токму за време на изложбата. Џанфранко Фере ќе остане познат во својот вечно универзален и уникатен начин на комбинирање на стилови, кроеви и форми, но и по својата желба и цел која несомнено е остварено, а се однесува на неговото ремек дело-белата кошула:
„Во лексиконот на современата елеганција, сакам мојата бела кошула да прерасне во универзален термин, кој секој ќе си го изговара онака како што сака“.
Изложбата вклучува 27 модели на кошули кои дизајнерот ги има изработено од 1982 година, па се до 2006 година.
„Ние се надеваме дека неговите кошули ќе ја имаат таа привилегија да патуваат низ светот, во следните години“, вели Рита Аираги, која е директор на Фондацијата Џанфранко Фере, и потврди дека веќе имаат пристигнато понуди од неколку европски престолнини, кои имаат желба да организираат изложби посветени токму на работата и делото на овој дизајнер. Таа исто така открива дека следната изложба ќе биде во градот кој е лулка на модата со години наназад, а тоа е Милано.