Би дале ли 200 евра за кошула дизајнирана од Канје Вест?

3 јули 2014

Кажете како сакате, но Канје Вест дефинитивно знае како да заработи пари. Покрај тоа што има сосема одлични музички албуми што се продаваат во милионски копии, тој си обезбеди и солидно место во модната индустрија.

Во последната негова соработка со францускиот моден бренд A.P.C, Канје ни прикажува кежуал  колекција, составена од парчиња со кои неговите обожаватели ќе можат да изгледаат исто како него.

Парчињата овој пат се неверојатно едноставни, а чинат повеќе отколку што можете да си замислите (веруваме не се изненадивте воопшто). Па така, доколку сакате да си купите една едноставна, сосема секојдневна тексас кошула од колекцијата на Вест за A.P.C, од вашиот буџет ќе треба да издвоите околу 200 евра или нешто повеќе во долари за парче или скоро 400 долари за бел џемпер (а, не е ни од кашмир!).

Она што е особено интересно, е тоа што многумина оваа колекција ја најавуваат како „многу достапна“, а во истата сите парчиња не баш може да се рангираат во оние подостапните.

Овие цени се можеби сосема во ред за американскиот пазар, но не баш  секој негов обожавател, со оглед дека ги има многу може од својот буџет да обезбеди комбинација од  колекцијата на Канје Вест.

Тука апсолутно, повторно се наметнуваат фактите и сите оние заклучоци за кои пишувавме во темата со наслов „Познатите го преземаат кормилото во инстантната модна индустрија“, каде ви посочивме дека сѐ повеќе познати лица од светот (кои не се дизајнери), креираат сопствени линии, кои сѐ повеќе или помалку успешни на пазарот.

Тоа воопшто и не би пречело, доколку на еден начин тие не им ја преземаат работата на дизајнерите кои целиот свој живот го посветиле на дизајнирањето на совршени и висококвалитетни парчиња, секогаш со особена доза на живот во истите.

Тука воопшто не го спориме квалитетот на парчињата од новата колекција на раперот или било кој друг сличен на него, но дефинитивно говориме за тоа зошто не го стори некој млад и апсолутно талентиран дизајнер од конкретниот бренд. И иако воопшто не го спориме ниту талентот на близначките Мери Кејт и Ешли Олсен, ниту пак на британската модна сензација Кара Делевињ, ние би сакале модните брендови (како на пример Малбери) да излегуваат од кризата со ултра сензационални парчиња создадени од рацете на нивните дизајнери.

И кога светот би бил совршен и кога секој би си ја работел својата работа, можеби сето ова и не би било така. И токму тогаш, не би давале една плата за памучната маичка на Канје Вест што воопшто не воодушевува, туку единствено за квалитетните и уникатни дизајни на големите светски модни куќи и нивните дизајнери што одлично си ја вршат работата.

Маичка на куси ракави од колекцијата на Бурбери, се продава по двојно помала цена. Маичка на куси ракави од колекцијата на Бурбери, се продава по двојно помала цена.

А да, доколку сѐ уште сте заинтересирани за парчињата од новата колекција на раперот, истите ќе бидат во продажба од 17 – ти месецов.

Објавено:
3 јули 2014
Категорија: 
Актуел