Овие денови Интернетот беше преплавен со најкул информацијата во последно време – сопругот на актерката Зое Салдана го зема нејзиното презиме после бракот!
Италијанскиот уметник претходно познат како Марко Перего, деновиве гордо се потпишува како Марко Салдана.
„Се обидов да го одвлечам од идејата, му реков: Ако го земеш моето презиме, заедницата ќе почне да се шегува на сметка на твојата машкост, твоите пријатели уметници нема да го заборават тоа, светот нема да го заборави тоа. Но, тој ме погледна и со неговиот прекрасен италијански акцент ми рече – Ах Зое, јас не се грижам за нив воопшто“, изјави актерката во интервјуто за магазинот In Style.
Колку што се сеќаваме, ова е еден од ретките случаи познато момче да го земе презимето на неговата уште попозната сопруга, освен ако сакаме да веруваме во урбаната легенда дека Џеј Зи го земал презимето на Бијонсе во 2009 – тата година.
Всушност, кога тогаш информацијата се појави во медиумите, објаснувањето од извор близок до семејството беше апсолутно логично, на моменти дури и слатко, а истото се однесуваше на тоа дека Џеј Зи го земал презимето бидејќи родителите на Бијонсе го посакале тоа со оглед на тоа што тие немаат синови.
А и кому всушност треба момците да се објаснуваат ако го посакаат она што е прифатено како сосема нормално и следствено за секоја жена!? И до кога на моментот кога во матично ќе прашаат кое презиме ќе го носат младите, сите прават шега од типот: Тој ќе го земе нејзиното!
Каде е проблемот ако тој го земе нејзиното? Без разлика кои се причините за неговата одлука, тоа не прави тој да биде помалку маж или пак не значи дека мора да биде исмејуван од општеството и другарите.
Како што со гордост и скандирање се прима информацијата дека невестата ќе го земе Неговото презиме, подеднакво исто треба да се прифати и обратната информација.
Во општеството во кое живееме денеска, има толку многу посериозни и поголеми проблеми за решавање и грижа, од оваа тематика која не смее ниту да биде ставена на дневен ред. Веројатно многумина од вас се сеќаваат и на слични вакви случаеви кај нас, кои оставија „трага“ долги години подоцна, и за кои секогаш е интересно да се зборува, дури и без причина.
Ако се вратиме наназад, еден од најголемите уметници на сите времиња Џон Ленон го додаде презимето на неговата сопруга, неверојатната Јоко Оно, на посебна, историска церемонија на кровот од просториите на зградата на Епл.
Сосема за крај, одржувањето на љубовта и мирот во врската е многу поважно од потписот!
Што мислите вие, би се согласиле ли со одлуката сопругот да го земе вашето презиме?