Бијонсе: Го мразам прашањето дали сум бремена, тргнете се од моите јајници

10 декември 2019

Јануарското издание на магазинот „Ел“ е со Бијонсе на насловна страна. Новата година ќе започне со пејачката која неодамна преку фото-сесија ја презентираше новата колекција на брендот „IVY PARK“ и „Адидас“.

На онлајн страната на магазинот има огромно интервју со Бијонсе, но прашањата се од нејзините обожаватели.

-Возбудена сум што ја гледате првата кампања од партнерството со „Адидас“. Колекцијата го инкорпорира мојот личен стил и вклучува за секого по нешто. Сакам да експериментирам со мода, да мешам парчиња од висока мода, со пристапни, спортска облека со Висока мода, дури и машки и женски парчиња. Новата линија е забава и води до креативност и моќност. Се фокусирав на дизајнирање унисекс колекција на обувки и облека, затоа што сум видела многу мажи во IVY PARK. Начинот на кој тие го прифатија брендот е неочекуван подарок. Ја ценам убавината на родово неутралното облекување и кршењето на таканаречените модни правила - вели Бијонсе на прашањето околу новата колекција.

А во продолжение прочитајте уште некои од одговорите:

*За самодовербата

-Како што стареам и станувам позрела, така сè повеќе ја разбирам својата вредност. Сфатив дека морам да преземам контрола врз мојата работа и наследство, затоа што сакав да бидам во можност директно да зборувам со моите обожаватели и тоа искрено. Сакав моите зборови и уметност да доаѓаат директно од мене. Во мојата кариера направив некои чекори бидејќи не сфаќав дека можам да кажам „не“. Сите ние поседуваме повеќе моќ од тоа што сме свесни.

*За стресот

-Мислам дека најстресна работа за мене е балансирањето помеѓу работата и животот. Да сум присутна за децата - да ја оставам Блу во училиште, да ги однесам Руми и Сир на нивните активности, да најдам време за мене и сопругот, да сум дома за време на вечера со семејството - и сè тоа додека водам бизнис е навистина голем предизвик. Жонглирањето помеѓу сите тие улоги може да биде стресно, но мислам дека тоа е живот што го имаат сите мајки што работат.

*За грижата за себе

-Името на брендот доаѓа од таму од каде што ја изградив силата како млада жена. Трчав и тренирав во парк, и таа состојба на мозокот остана со мене сите овие години подоцна. Тоа е првото место каде што научив да си го слушам телото. Многумина од нас растат гледајќи ги родителите како да се суперхерои. Повеќето жени ги игнорираат симптомите, едноставно трпат и се фокусираат на грижата на сите други освен на себе. Повеќе не сум една од тие луѓе. После тешката бременост, една година си земав да се фокусирам на моето здравје. Барав информации за хомеопатијата. Исхраната е важна, исто така се користам со методи на акумпуктура, медитација, визуализација и вежби за дишење.

*За негативните коментари за себе и за телото

-Да, знам да реагирам на негативните коментари. Сепак, човек сум. Во моменти на слабост и ранливост, се трудам да се потсетам себеси дека сум силна и дека сум создадена за ова. Ако некој пред 15 години ќе ми речеше дека телото ќе ми помине низ толку промени и дека ќе се чувствував поженствено со облини, немаше да му верувам. Но, мајчинството и децата ме научија да се вреднувам себеси надвор од физичкиот изглед и да разберам дека јас сум си доволна, без разлика во кој стадиум од животот сум. Вистинскатата убавина не е видлива со очи. Посакувам луѓето да се фокусираат на откривањето на убавината во себе, повеќе отколку да ги критикуваат другите како изгледаат.

*За досадните прашања

-Најмногу мразам да одговарам на прашањето: „Дали си бремена?“. Тргнете се од моите јајници!

 

фото: Instagram.com/Beyonce; Instagram.com/elleusa;

Објавено:
10 декември 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
4.562 пати