Брендот на Иванка Трамп продава парчиња под друго име

25 април 2017

Деновиве се случува вистинско шоу поврзано со модниот бренд на Иванка Трамп, само неколку месеци откако познатите продавници каде се продаваа нејзините парчиња, се откажаа од истите.

Овој пат, компанијата која го поседува брендот на Иванка, почна да продава дел од нејзините парчиња под сосема друго име, односно со етикетата Адриен Витадини Студио.

Парчињата од нејзиниот бренд биле забележани во дел од ланецот продавници Стејн Март, а најинтересно од сѐ е што таа воопшто и не била известена за овој потег.

„G – III презема одговорност да го реши проблемот што настана без знаење на Иванка Трамп. Компанијата веќе почна да презема акции како отстранување од продажба на било какви парчиња со погрешни етикети. Брендот на Иванка Трамп продолжува да се развива во посакуваната насока и останува навистина силен“, изјавија првите луѓе на компанијата во чија сопственост е нејзиниот бренд.

Иако сѐ уште не се знае точната причина за овој проблем, од ланецот продавници Стејн Март посочуваат дека тоа никако не е политички поврзано.

„Ние имаме парчиња од двата брендови во нашите продавници и не знам како дошло до оваа грешка. Кај нас доаѓаат разни клиенти, има такви кои ги сакаат парчињата на Иванка, но има и такви кои не ги сакаат и ние тоа го разбираме“, изјави првиот човек на ланецот продавници, Хант Хокинс.

Откако нејзиниот татко беше избран за претседател на САД, продажбата на парчиња од нејзиниот бренд значително опадна, а стоковните куќи како Нордсторм и други престанаа да ги продаваат нејзините парчиња поради, како што соопштија, слаба продажба.

Иако речиси сите страни се оградуваат од настанатиот проблем со замената на етикети, тие ќе кажат дека тоа што се случило сигурно е грешка и ништо од тоа не е поврзано со политика или пак со тоа што парчињата на Иванка не се продавале доволно добро.

За што всушност станува збор и дали навистина се работи за грешка, останува да видиме, а модниот свет е во исчекување и на одговорот на Иванка Трамп по ова прашање.

Објавено:
25 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.083 пати