Да го разубавите животот не треба многу

28 ноември 2014

Исполнето со радост која можеше силно да се почувствува, дистанцирана од сите општествени предрасуди, вчеравечер во Македонскиот народен театар можеше да се доживее една поинаква позитивна енергија. Уште еднаш посведочивме на вториот  Бал на различности кој ни ги стопли срцата преку вештините и талентите на лицата со типичен и нетипичен развој. Токму овие маргинализирани лица беа причината да се сплотат многу хумани луѓе од различни општествени сфери и несебично со хуман предзнак да придонесат со својата поддршка кон иницијативата на здружението „Дајте ни крилја“ , под раководство на пејачката Ребека.  Музиката, модата и хуманоста се покажаа како одличен спој што придонесе  да ги изостриме сетилата на свеста  дека лицата со посебни потреби се исти како и сите останати. Слоганот „Да ги споиме нашите светови“ ја осветли поинаквата страна на двата света,  кои за повеќето учесници речиси и да не постојат. Актери, водители, пејачи и уште многу луѓе со различни јавни функции, упатија гласна порака кон пошироката јавност дека настанот треба да биде пример применуван од сите.

-Задоволна сум од резултатите кои ги добиваме од нашите цели, а посебно  ми е драго што овие лица со посебни потреби ги правиме среќни. Целиот процес е потпомогнат од многу наши  пријатели, од тој голем тим што направи прекрасно да изгледаат, за на крај да го крунисаме настанот во убавиот амбиент на новиот театар. Ќе се потрудиме настанот да остане во традиција. Ќе ви откријам и еден посебен момент дека платното на кое сите учесници цртаа,  потоа ќе патува цела година низ Македонија низ неколку институции каде има лица со посебни потреби, во училишта, можеби ќе се најде и на плоштад, а после неколку години неговата функција ќе стане и хумана, вели Ребека и додава дека во ниеден поглед не треба да ги поставуваме различностите, бидејќи сите сме исти.

-Ние сакаме овие луѓе да ги направиме среќни, но и да им покажеме на останатите дека и тие можат да ги направат среќни, а за тоа не треба многу само да ги гушнат, да им подадат рака, да им го разубават животот не треба многу, завршува Ребека.

Ревијата на младата и талентирана Анастасија Чадо беше посебен сегмент од случувањето, а нејзините креации  ги носеа девет жени, еминентни имиња од различни општествени сфери, но пред се хумани луѓе. Пред настанот, Анастасија голем дел од своето време поминуваше во ателјето на Елена Лука каде со полн ентузијазам заедно со креативниот тим на брендот ја создаваа колекцијата насловена „Вода“. Елена Пандева објаснува дека Елена Лука е секогаш  на страната за помагање и создавање на заеднички искуства во остварувањето на еден младешки сон.

-Мотивот е секогаш ист. Како и првиот пат, но и како во многу други проекти, Елена Лука секогаш е вклучена со идејата да се биде хуман и да се помогне во рамките на можностите. Драго ми е што се случува континуитет во однос на Балот на различности, па овој пат сме уште поконцепирани благодарение на претходното искуство. Елена Лука со достоинство и со голема чест се вклучи во овој проект затоа што сакаме да им помогнеме на оние луѓе на кои им е најпотребна помош и едноставно сакаме да дадеме поддршка и да овозможиме да се случуваат убави нешта. Да се сакаме и да бидеме луѓе пред се. Независно од нашата професија и од нашиот социјален статус, сите сме луѓе и единствено што ни преостанува е да бидеме поврзани, затоа што само со многу љубов ќе имаме поголеми резултати на секое поле. Се надевам дека ќе имаме уште многу вакви проекти каде што ќе може да работиме заеднички и да покажеме дека сите сме луѓе, апелираше Елена за чие дело на модната куќа и беше врачена срецијална плкета за несебичната поддршка на манифестацијата, a особено хуман беше гестот што сите фустани од ревијата беа донирани за истите цели.

Поголемиот дел од учесниците изјавија дека ваквите настани се огромен и значаен  иницијативен чекор за да се одржуваат многу почесто и да влијаат на свеста на поголема маса луѓе. Меѓу оние кои се појавија на сцената да ги исполнат своите нумери или да зачекорат во креациите создадени од Анастасија, упатија јавна порака дека различностите треба да ги гледаме со срцето.

-Идејата на Ребека и хуманитарното здружение  да се направи што погодобро за сите дечиња со широко срце ја подржувам. Најдобриот момент во човештвото е социјализацијата на секој од нас, така да се биде дел од оваа манифестација е едно огромно задоволство. Ваквите настани ги нема многу и  мислам дека исклучително влијаат како поттик за да ги има уште повеќе. Креацијата што вечерва ја носам, а е дизајнирана од  Анастасија е посебна и прави да се чувствувам прекрасно. Им порачувам на сите, да не се срамат луѓето да учествуваат во вакви иницијативи, но и да има се поголем одзив од публиката која ќе донира, вели Д-р Маја Киријас.

Параолимпијката Оливера Наковска-Бикова како учесничка која носеше фустан од Анастасија Чадо, ја искажа својата поинаква страна дека токму лицата како неа не треба да се ставаат во втор општествен план.

-Јас како лице со телесен инвалидитет се наоѓам во двата света. Првпат сум на ваков настан и ова е ново искуство за мене. Мојата порака е дека треба да си помагаме едни со други, а луѓето со посебни потреби и хендикеп,  да не се ставаат во втор план туку поденакво со сите, изјави Оливера.

Меѓу дамите што продефилираа на ревијата беше и водителката Искра Мишиќ.

-За жел работите за кои вечерва сме тука се поставени во два света, за кои јас лично мислам дека не постојат, затоа цело е кога се има се. Сакам да верувам дека ваквите настани ќе помогат за да допрат до секој човек, но сепак тоа останува на изборот на секој. Не замижувајте пред реалните нешта бидејќи тие нема да исчезнат и да не мислиме дека работите секогаш им се случуваат на другите зашто тоа буквално на секој може да му се случи. Треба да разбереме дека мораме да бидеме поотворени кон ваквите нешта , а само со добро може и да се врати со добро, порача таа.

Актерот Гораст Цветковски заедно со својот колега Тони Михајловски, уште еднаш и оваа година се појави во улогата на водител, за која вели дека безрезервно би прифатил да ја игра доколку настанот премине во традиција.

-Вторпат сум дел од манифестацијата и чувството е прекрасно пред се поради тоа што се прави нешто благородно. Што повеќе се зборува за ваквите иницијативи и случувања, тоа подобро и е огромен плус за сите овие луѓе. Работата сопоред која јас се водам е тоа дека тие луѓе постојат, а и останатите треба да бидат свесни и да го зборуваме тоа,  да не се правиме како да се невидливи, изјави Цветковски

Дизајнерката и професорка Јана Манева- Чупоска која освен како менторка на Анастасија, се појави на сцената во креација дизајнирана токму од нејзината студентка. Таа укажа на големата поврзаност меѓу модата и хуманоста, но и на тоа дека македонското искуство е кревко во поглед на специјалниот дизајн за овие лица.

-Модата и од историски аспект секогаш била во функција на хуманитарните цели, а за тоа има безброј примери за светски модни брендови каде редовно се вклучени во тоа.  Бидејќи модата е ексцентрична сама по себе и може да прати порака. Моето искуство како дизајнер е кревко  во Inclusivе design или мода за лица со посебни потреби , но затоа можам да се пофалам со еден одличен семинар кој го имавме во соравотка со Британскиот совет со гостинка од Лондон која е специјализирана во овој сегмент на дизајнот. И на тие луѓе треба да им се помогне и дизајнерите да креираат сопоред нивните потреби. Луѓето за кои сме вечерва тука не се интегрирани во општеството  и затоа ми е особено драго што студентката Анастасија Чадо како прв студент  лице со посебни потеби на студиите по арт и дизајн,  ќе ги промовира своите успеси како почетник во модниот дизајн. Особено се радуваме поради неколку асапекти, пред се што и ние стекнуваме искуства , но се трудиме да и помогнеме да ги изучи принципите на модниот дизајн и да живее и заработува од тоа. За Елена Лука како дел од иницијативата за соработка со настанот и со Анастасија особено ги поддржувам. Елена пред се е моја  драга пријателка, а ја почитувам и како  сериозен македонски бренд со многу успеси. Елена  знае и сака да им помага на луѓето, бидејќи брендот го прават апсолутно сите луѓе како тим, но сепак се оние луѓе на врвот кои донесуваат крајни одлуки. Токму таквите на Елена Лука се навистина за почит, бидејќи не сите „сакаат“ да се плеткаат конкретната целна група, за жал. Но и тие се живи суштества, сакаат да комуницираат и воопшто практично не се криви за сето тоа што им се случува, појасни Јана.

Покрај првата дама, Маја Иванова,  која се јавува во улога на покровител, на сцената се појави и нејзиниот син Иван Иванов, кој кажа дека поделбите на било каква основа мора да се елиминираат.

-Со задоволство ја прифатив поканата и навистина  ми претставува чест да се појавам на сцената со една песна во која се надевам сите ќе уживаат. Овие настани треба да ги има почесто, не постојат нивен и наш свет, тој е еден, сите сме исти и сите треба да не сплотува љубовта и добрината. Посакувам предрасудите да не бидат пречка да се помага и да се биде хуман без поделби на било каква основа, рече Иван Иванов.

Вториот Бал на различности беше вистинската иницијатива дека крилјата ни се потребни на сите за да „летаме“ со еднаков баланс, отворени кон широкото небо полно со различности во секој поглед.

Објавено:
28 ноември 2014
Категорија: 
Актуел