Денови на филигранството во Скопје

9 мај 2014

Занаетчиската комора на Скопје по повод „Деновите на занаетчиство“ што ќе се одржат на 22, 23 и 24 овој месец, а во соработка со Скопје Сити Мол на сите граѓани им приреди една мала увертира организирајќи „Денови на филигранство“. Целта е промоција на филигранот и филигранскиот накит како културно обележје на нашата земја.  Свеченото отворање беше денеска, а изложувачите на накит со своите креации ќе бидат во холот на трговскиот центар до недела, кога ќе заврши целата манифестација. Околу десетина изложувачи земаа учество на овој настан, а меѓу нив и госпоѓата Сузана Јовчевска, заедно со нејзината ќерка кои творат под брендот Лума.

.„Нашата продавница се вика Лума, и е наменета за изработка на рачно цртано стакло, накит и украсни предмети. Во главно сме љубители на кристали и изработуваме многу накит од кристали, но правиме и обична бижутерија. Инаку, целиот дизајн и изгледот на едно парче накит или предмет е во главно наша, моја и на ќерка ми. Нови сме во оваа работа, фирмата ја отворивме крај на декември и се регистриравме и еве почнавме да ја креираме нашата приказна“, ни откри Сузана.

Сузана и ќерка и прв пат земаат учество на ваква манифестација и се премногу задоволни од целокупната организација, но и од можноста да се промовираат себе и својот бренд.

„Прекрасно е и сметам дека ваквите настани треба да се случуваат почесто особено бидејќи во сржта на македонската традиција е да се изработуваат рачни производи без разлика дали е накит или украсни предмети, плетење, везење... така да за мене ова е и промовирање на нашата традиција, односно начин да им се покаже на младите дека всушност тука лежи националното богатство на кое малку повеќе треба да му се обрати внимание и да му се даде акцент“, вели госпоѓата Јовчевска.

Таа додава дека заедно со ќерка и се обидуваат да го задоволат вкусот на сите граѓани, со особен акцент на актуелните матурантки, апсолвентки и полуматурантки, меѓутоа изработуваат и за невести, повозрасни госпоѓи кои што сакаат на себе да имаат рачен накит украсен со полускапоцени камења. Госпоѓата Јовчевска смета дека ова е и еден одличен начин за себе вработување, особено ако сте вљубеник во она што го создавате и правите.

„Мислам дека младите кај нас се насочени кон високите звања и професии кои што се актуелни и модерни, но сметам дека веќе одиме кон една друга насока, да се свртиме кон други вредности како што е рачна изработка, рачно изработување накит, обработување на земја, храна итн. Без оглед на тоа кои сте, што сте, каде сте, ова е прекрасен начин да се реализирате себе“, завршува претставничката на брендот Лума.

Наредниот штанд кој што го привлече нашето внимание има навистина интересна приказна. Станува збор за брендот „Македонски оргони“, под чие име твори шармантната Весна Павлова.

„За прв пат во Македонија, имаме оргони, кои што имаат својство да зрачат со животна енергија. Оргоните се прават во калап, составот внатре во оргонот мора да биде под еднакво точен и да содржи железо, метали и кристали. Можеме да ги сретнеме во различни облици најчесто во форма на пирамиди, срциња, ѕвезди, кругови и сл. Не само што имаа естетска функција оргонот како накит или украсен предмет за домашен декор има и моќ да ја собира негативната енергија која кружи околу сите нас и да ја претвора во позитивна“ ни раскажа Весна.

За оргонот таа се информирала од интернет и почнала полека да ја изучува техниката, начинот на изработка и принципот, со една цел да им помогне на луѓето да се ослободат од негативните влијанија и енергии.

„Прв пат сум овде и овој начин на изложување го гледам како промоција и задоволна сум, сметам дека е добар начин за себе промоција. Оргонот може да го носат сите нема таргет група, но еве акцентот го ставаме сега на актуелните матурски и апсолвентски“, додава претставничката на брендот “Македонски оргони“.

Ивана Јовановска, заедно со нејзините две сестри творат под името „Јовановски и Дора Нова“ и се претставници на третата генерација од нејзиното семејство која што традиционално се занимава со изработка на филигран.

„Изработуваме сребрен накит, односно филигран и рачно изработен лиен накит. Ние изработуваме и бронза, односно репродукции на стари парички, монети, прстени, бронзени јајца, накит од бронза. Имаме уште една линија, освен сребрената со филигран, имаме и линија која  комбинација на дрво од маслинка и сребро, филигран и полускапоцени камења. Инспирацијата ја црпиме од секаде, од секојдневието, секогаш различно, искрено понекогаш и од моменталното расположение, гледаме доста и од интернет во однос на трендовите и правиме спој на традиционалното со модерното“ вели прекрасната Ивана.

Таа смета дека  ваквиот начин на изложување е добар за промоција, бидејќи филигранството почнува да станува дел од модните настани, но треба дополнително да се актуелизира и додава дека овие презентации се одлична можност да се покаже што нуди Македонија и што се изработува како рачен накит и дополнително да се вреднува бидејќи мисли дека филигранството не е доволно афирмирано и не се цени доволно кај нас за разлика од искуствата кои што ги има  надвор од нашата земја каде вели дека сме познати како земја на филигранот.

„Што се однесува за таргет групата морам да кажам дека се вклопуваме со секоја старосна граница и во сечиј вкус, бидејќи сите три работиме сосема различен стил и сметам дека секој може да си се пронајде во нашите парчиња. Јас и моите сестри имаме тотално различни професионални вокации, а ова е одличен начин за себе вработување но мислам дека голема улога игра и наследството, генот што го носиме но и љубовта кон изработката на филигранот“, ни кажа Јовановска.

Следниот наш соговорник е креативната Даниела Наумова,  основач на  Danna Art Jewerly.

„Јас сум занаетчија и работам бакар, сребро и месинг накит кој што наликува на старинскиот да не речам антички накит, тоа ми е главната инспирација. Накитот го работам претежно од жица во техника „wire wraping“ или филигран или комбинација од двете. Се трудам да го задржам старинскиот изглед меѓутоа со еден модерен и современ дизајн. Ја поздравувам ваквата манифестација и сметам дека организацијата на вакви настани е и единствената можност за наша промоција за сите нас занаетчиите да можеме да ги претставиме нашите производи“ вели Даниела.

Таа веќе три години се занимава со изработка на накит и вели дека првата година ја поминала во едуцирање на луѓето за тоа што значи рачно изработен накит особено од бакар.

„Една година ги едуцирав клиентите за потоа да можам слободно да ги продавам своите производи. На ова гледам одлична можност за себе вработување, но апелирам и до сите мајки и домаќинки кои сакаат да бидат и со семејството но и да реализираат себе си, да почнат да се занимаваат со оваа професија“, завршува Даниела.

Директорката на Занаетчиска комора Снежана Денковска беше присутна на настанот и ги сподели своите импресии и мислења за одржувањето на ваков собир.

„Целта ни беше да го сочуваме филигранот од заборав, бидејќи е дел од нашата култура на живеење и традиција, наше обележје. Токму затоа, првите наши усилби беа да направиме работилница, да ги научиме младите луѓе на техниките и вештините на филигран, а од тоа се надевавме дека ќе излезат млади филигранисти кои што ќе ја продолжат нашата традиција. Тука се мисли на накит што е спој на модерното и традиционалното. Треба да бидеме горди сметам, затоа што од работилницата оспособивме околу 80-тина луѓе, иако не сите се охрабрија да направат самостоен бизнис, но денеска можете да ги видите сите што со нивните раце прават уникатен и рачно изработен накит, креативен, кој што би го посакала и млада, но и повозрасна жена. Се надеваме дека го извадивме од заборав овој занает и дека ќе си ја продолжиме традицијата. Сметам дека е должност кон човештвото и кон нашата држава“, финишираше Денковска.

 

 

Објавено:
9 мај 2014
Категорија: 
Актуел