Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, кој неодамна заврши, како дел од својата програма не им отстапи место само на возрасните, туку ги испочитува и најмалите. Во рамките на манифестацијата имаше детска програма која вклучува детска работилница, каде дечиња од Прилеп и Битола имаа можност да креираат „Stop Motion“ анимации под мотото „Fun Education Stop Motion Animation“или „Забавубајте се додека учите“, инспирирани од фестивалот. Позборувавме со Софија Грабуловска, ликовен уметник, вајар и наставник во основно училиште која беше во улога на водич и реализатор на целата идеја за детската програма.
„Неколку години наназад, заедно со моите колеги, почнавме да истражуваме за „Stop Motion“ анимациите и како можеме да ги вметнеме во образовни цели, за да можат децата преку овој метод на работа да ги учат лекциите од наставните предмети.
На тој начин ние ги истражувавме скоро сите деца од Македонија, значи беа опфатени скоро сите училишта од повеќе градови и заклучивме дека овој метод на работа е прво интересен за децата, креативен и мошне прифатлив, бидејќи голем дел од лекциите кои не се визуелни, туку апстрактни, преку овој начин на учење, децата можат да си создадат слика за нештата и полесно да го запамтат и научат потребниот материјал“, изјави координаторот на проектот, наставничката Грабуловска.
Софија горда што успеала да им овозможи креативно катче на најмалите кои можеби еден ден ќе станат големи филмски продуценти, режисери, фотографи, ни го објасни и процесот како се раѓа една „Stop Motion“ анимација.
„Постојано во процесот на работа, учениците се тие кои се на прво место. Тие се и режисери и сценографи, аниматори, истражувачи на материјалот и креатори на звук, значи треба да најдат соодветна музика која ќе ја едитираат во самите анимации, да смислат како ќе преминуваат од една анимација во друга, естетскиот дел како ќе изгледа... Е сега целиот овој процес не е ниту едноставен ниту лесен, а ниту пак брз, бара повеќе од 40 минути, но сепак трајноста на знаењето што го добиваат децата е многу големо.
За да изработиме една „Stop Motion“ анимација прво почнуваме со „Brainstorming“, тоа е процес каде ги анимираме децата, за да го развиеме нивното креативно чувство за да можат тие во следната фаза да почнат со давање идеи за тоа како би можела да изгледа анимацијата, потоа ги учиме како да насцртаат „Storyboard“, или книга на снимање како онаа на режисерите, потоа следува селекција на личности кои ќе ги анимираат, дали тоа ќе бидат живи предмети, цртани ликови, дали ќе бидат изработени од пластелин, хартија. На крај следува процесот на самата работа, фотографирање, поместување на елементите, па пак фотографирање и се така до крај. Многу интересно е што ВИП операторот еден од генералните спонзори на фестивалот ни овозможи полесна реализација на целосната наша идеја со тоа што ни ги даде на користење најновите Самсунг Галакси С4 телефони кои истовремено сликаат и едитираат анимации, значи монтирањето се прави директно на телефонот со што се заштедува време.
На оваа работилница се работи 5 дена, односно 4, а петтиот ден е премиерата на она што го сработиле малите креативци. „Stop Motion“ анимациите кои ги изработија децата ќе бидат прикажани на завршниот дел од фестивалот кога ќе се доделуваат и наградите, па така децата ќе имаат можност да се најдат во улога на возрасни и да се чувствуваат како дел од светот на големите познати уметници“
Анимациите кои беа предвидени за изработка беа поделени на две теми едната ја разработува темата „I love Bitola“, а другата „Учењето на 21 век“. Одговорните на фестивалот заедно со генералните спонзори се задоволни од оваа соработка, за која Софија вели дека искрено се надева дека ќе продолжи и наредна година.
„Минатата година Microsoft ни ја додели првата награда на европско ниво за најиновативно користење на информатичка технологија во образовниот систем, а оваа 2013 година во Прага повторно Microsoft ни ја додели наградата за најиновативно користење на информатичка технологија во рамките на образованието ама овојпат на светско ниво, што е навистина чест и мотив плус да продолжиме со она што го работиме“, заклучи Софија.
Во продолжение погледнете ја галеријата каде главните улоги ги имаа токму децата и нивната креативна фантазија: