Дизајнерите советуваат: Како (не) треба да изгледате за Нова година?

22 декември 2015

Во овој празничен период и подготовките за новогодишната прослава, оние што сè уште се расположени за славење на доаѓањето на новата година, веројатно се во потрага за идеалната модна комбинација.

Ние на оваа тема разговаравме со неколку домашни дизајнери. Ги прашавме што според нив треба да се избегнува кога е новогодишниот изглед во прашање, а што да се потенцира.

Ако се двоумите за одредени трендови или пак немате идеи, прочитајте ги нивните предлози и совети, можеби токму сега ќе ја најдете својата инспирација и омилено парче.

Антонија Ристевска – ДА за сребрено, НЕ за кежуал

креација на Антонија Ристевска

- Новогодишната ноќ има некоја незаменлива магија, ноќ исполнета со гламур, нови надежи и многу радост. Токму таа магија ме инспирираше за колекцијата за претстојната сезона, составена од парчиња во сребрени, бели и сини тонови – нијанси што ги препорачувам за новогодишната прослава. Исто така, при изборот на комнинација, многу е важно местото каде ќе ја поминете најлудата ноќ во годината.

Доколку славите во домашна атмосфера, препорачувам поопуштена, но интересна варијанта. Сепак, се зачекорува во нова година, не би требало да се направи тоа во облека која ја носите за прошетка низ населба. Ако славите во ресторан, дозволете си некое парче кое инаку можеби не би го носеле. Доколку тоа е премногу храбар чекор за вас, изненадете со некој необичен накит. Нешто што никако не смее да биде присутно се пренатрупани комбинации или парчиња кои се сосема несоодветни за моменталната сезоната.

Ирина Тошева – ДА за балансот, НЕ за новогодишна елка

креација на Ирина Тошева

- Советот што секогаш го кажувам во овој дел од годината е да не се поистоветуваме со новогодишната елка. Во секоја пригода имајте на ум дека „помалку е повеќе“. Внимателно одбрани (светкави) детали или впечатлива шминка/фризура се одличен избор. Најважен е балансот. Независно дали прославувате во некој клуб или домашна атмосфера, во мојата последна колекција „Дома“ може да најдете соодветно парче. Волуменозни џемпери кои ја топлат душата или весели фустани со извезени пораки, со убави желби за многу љубов во Новата година.

Мите Занов -  ДА за уникатност, НЕ за острите правила

креација на Мите Занов

- Кога се работи за новогодишната прослава, изгледот е многу важен, но не постојат пишани правила, како треба, а како не треба да изгледате. Сепак тоа зависи од личноста, нејзиниот карактер и стил на живот и на облекување. Други околности, кои исто така се многу важни во однос на изгледот се, локацијата и типот на забавата. Како и да е, сметам дека секоја девојка, дама треба да си остане доследна на својот стил.

Преферирам елеганција, уникатност, интересни и тотално женствени парчиња облека, со остри кроеви, кои уште повеќе ја истакнуваат грациозноста на женското тело.  Во однос на боите, омилени ми се металните нијанси, затоа мој предлог е комбинезон, како еден од последно најзастапените модни трендови, изработен од штоф-свила, во сиво-метална нијанса, во кој ќе се чувствувате удобно, моќно и софистицирано.

Олгица Ѓоргиева – ДА за суптилноста, НЕ за нападноста

креации на Олгица Ѓоргиева

- Како поминуваат годините, Нова година некако зазема поинаква форма. Ако порано со денови, може и подолго сме се оптоварувале со изгледот за новогодишната ноќ, денес луѓето станаа малку попрактични. Тоа што го имаат како желба за новогодишната ноќ, во однос на стајлингот е да биде модерно, да биде поразлично од секојдневието, да биде малку посвечено, но и не пренападно. Се свртеа кон посуптилен избор кога станува збор за изгледот. Веројатно и самиот начин на живот придонесе за овој факт.

Тргнувајќи од мојот стил на работа и мојот личен вкус, она што би сакала да го дадам како предлог за новогодишен изглед  е да се внимава на комбинацијата на формата и материјалот. Доколку акцентот се стави на формата тогаш материјалот ни не мора да биде премногу свечен, а доколку пак, одбереме сјаен материјал тогаш формата-кројот можеме да го поедноставиме.

Ненад Секирарски- ДА за ексцентрични детали, НЕ за трендовите

креации на Ненад Секирарски

-Мојот совет е да се направи добра анализа каде и со кого одиме, во какво друштво ќе се најдеме и секако дали забавата ќе биде само на една локација. Ова ке ни олесни дали да носиме високи подпетици, дали треба да имаме наметка доколку во полноќ се излегува надвор и сл. Не сум љубител на трендови па со тоа и мислам дека не треба да се следат безусловно, треба да се одбере боја што најмногу прилега а деталите секако да не бидат нападни. Секогаш дозволете си некој екцентричен детал кој ќе го зачини изгледот и ќе привлече внимание, тоа може да биде интересен дел од накит, некој брош или интересен ремен.

Новата година е момент кога може и да избегате малку од својот стил и да ја промоените на пример должината на здолништето или на пример длабочината на деколтето. Исто така, оние дами кои во скалд со работата се принудени да носат одреден тип на гардероба или одредени бои ова е вистинска прилика да си направат мерак на душата и да излезат од досадните униформитани рамки.

„Елена Лука" – ДА за необичност, НЕ за непрепознатливост

Креација на Елена Лука

-Новогодишните празници се убав повод да излезете од рамките на секојдневието и да внесете доза на необичност во Вашиот изглед, но тоа никако не значи да се трансформирате за една ноќ во нешто што не сте. Затоа, основниот совет е да останете доследни на својот идентитет, но да си поиграте со деталите, боите или формите и да создадете една празнична слика на самите себе.

Најбитно е кога ќе се погледнете во огледало да си се допаднете себе си и да личите на себе си.
За претстојните новогодишни празници, одберете чисти кроеви, но впечатливи материјали или ставeте акцент на еден детаљ како на пример романтична тантела околу струк или фокусот нека биде на задниот дел од фустанот. Оваа префинета тоалета е безвременска комбинација на црна и бела, а торзото е украсено со богата тантела, додека задниот дел е акцентиран со мал V отвор на грбот.

Игор Марков - ДА за високи потетици, НЕ за обичен изглед

Креација на Игор Марков

- Кога станува збор за подготовките околу новодишната вечер, мое мислење е дека пресудно за успешен целокупен стајлинг е да имате на ум каде и со кого ќе ја поминете оваа вечер, запомнете добро облечена личност е онаа која е соодветно дотерана. Охрабрувам да се потрудите малку повеќе околу вашиот изглед за оваа вечер, да се почестите некое добро парче облека доколку сте во можност, или пак некој моден додаток ако не аутфит од глава до пети. Најважно е да уживата во празничната еуфорија и атмосфера и малку заслужено да се разгалите. Посетете некој салон за убавина и направете третман за разубавување и нега.

Во однос на изборот на гардероба, новогодишната вечер дозволува да се претера малку, облечете нешто во смела боја или ткаенина со штрасови, сепак бидете претпазливи како ќе го осмислите целиот изглед, ставете акцент на едно нешто, дали ќе биде аутфитот, шминката или фризурата, вие одлучете. Доколку се решите за некое блескаво парче гардероба, шминката и фризурата нека бидат суптилни или неутрални. Интензивен црвен кармин секогаш остава гламурозен впечаток ! Ако мене ме прашувате високи потпетици се задолжителни! 

Јована Филиповиќ – ДА за панталони, НЕ за свечени тоалети

Креација на Јована Филиповиќ

-Прво и основно правило е да не се претерува со облека, шминка, и фризура која не е соодветна на годините и градбата на телото.Треба да се чувствувате удобно како секој нормален ден, а притоа да изгледате убаво, дотерано и секси.

Кога станува збор за облеката на новогодишната ноќ би советувала да не се практикуваат премногу свечените тоалети, crop – tops (кус топ), и премногу кратките фустани. Од последната колекција за Есен/Зима 2015 би го издвоила следниов изглед како предлог за новогодишната ноќ. Комбинација на панталони и кошула со едноставен крој, изработени од материјал доволно сексапилен и впечатлив за да бидете применети и уникатни на лудата ноќ.

Заклучокот е дека строги правила нема! Можете да експериментирате, можете да бидете истите вие, можете да бидете новите вие, можете да одберете светкави парчиња, можете смирени... Можете сè што сакате и што ќе ве направи да се чувствувате убаво. Всушност, тоа е и најважно - во следната година да влезете со насмевка на лицето!

Објавено:
22 декември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
6.020 пати