Дона Стрикленд е третата жена добитничка на Нобелова награда за физика во 117 години

5 октомври 2018

Дона Стрикленд е името на 59-годишната Канаѓанка која е третата жена добитничка на Нобелова награда за физика. Досега ова високо признание им припадна на Марија Склодовска Кири, првата жена добитничка и Марија Геперт Мајер.  

Кири беше избрана во 1903 година за лауреат како признание за исклучителниот придонес во истражувањето на феноменот на радиоактивноста, додека на Мајер во 1963 година ѝ беше доделена нагрдата за предлагање на слоестиот модел на атомското јадро. Иако тогаш се здоби со почит, Мајер најголемиот дел од својата кариера морала да работи бесплатно, на сметка на нејзините откритија.

После 55 години, Дона Стрикленд се запишува во историјата благодарение на нејзината работа во областа на ласерска физика. Таа работи на Универзитетот во Вотерлу, каде не е редовен професор и никогаш не ни аплицирала за таа позиција, а ниту Универзитетот вложил напор да ѝ предложи нова позиција. 

Таа не крие дека е почестена со ова престижна награда. Факт што малку изненадува е дека не ни знаела дека само две жени пред неа го добиле истото признание.

„Драго ми е што сум една од жените физичари и што на овој начин му порачуваме на светот дека и ние постоиме и сме вредни за внимание“, вели Дона за странските медиуми.

Инаку, Дона не успеала да добие своја страна и статија на „Википедија“ пред да ја добие наградата. Неколку пати се обидувала но била одбивана бидејќи, „не била доволно позната“. Поради ваквиот чекор, „Википедија“ се најде на остра критика од јавноста. 

Инаку, таа ќе ја подели нагрдата од околу милион долари со Жерар Муру и Артур Ешкин. Конкретно, Дона и Жерар добиваат признание за нивниот метод за генерирање на високо-интензивни и ултра-кратки оптички импулси што се применуваат во корективната очна хирургија, додека Ешкин е награден за развивањето на ласерска техника - оптичка пинцета.

Интересно е што 96-годишниот Артур Ешкин е воедно и најстариот добитник на Нобелова награда во историјата.

Од друга страна, Френсис Арнолд (62) е петтата добитничка на Нобеловата награда за хемија во 117 годишна традиција. Таа е американски професор за хемиско инженерство, биоинжинерство и биохемија на Калифорнија институт за технологија во Пасадена. Наградата ја добива за нејзината работа за насочена еволуција на ензими.

 

Марија Кири е единствената жена што освоила Нобелова награда и за хемија и за физика.

 

фото извор: /twitter.com/NobelPrize; independent.com;

Објавено:
5 октомври 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
157 пати