После Мерилин Менсон, Дафт Панк и Кортни Лав, модниот бренд Сен Лоран се одлучи да оствари соработка со уште еден одличен музичар, со што покажа дека модата и убавината немаат граници.
Се работи за познатата Џони Мичел (71). Таа е ангажирана како дел од посебен музички проект на модната куќа, како нивно заштитно лице. Дел од соработката се заснова и на фото-едиторијал каде акцентот повеќе е ставен на портретни фотографии, отколку на тоа да биде класична модна кампања.
Мичел е облечена во Сен Лоран етно-туника, кожена наметка изработена специјално за неа и црн голем шешир. Фото-едиторијалот го потпушува Хеди Слимејн, а фотографиите се направени во домот на музичарката. За сега се пуштени само три фотографии од Мичел, а следниот месец се очекува да бидат објавени и останатите.
Инаку, Џони Мичел е еден од гласовите што оставија трага на музичката сцена во втората половина на минатиот век, особено кога се кантавторите во прашање. Последниве години живее во своевидна изолација од медиумите и многу ретко дава интервјуа.
Но, кон крајот на минатата година таа објави нова компилација од нејзини хитови насловена како “Love Has Many Faces: A Quartet, a Ballet, Waiting to Be Danced”. Како вели, со тоа сака на нов начин да ги поврзе своите песни, покажувајќи дека љубовта има неброено многу лица.
Со оваа кампања на Сен Лоран се продолжи трендот на ангажирање на постари ѕвезди кои со својата убавина и посебност заземаат централно место во големите кампањи.
Неодамна бевме сведоци на тоа дека брендот Селин ја ангажираше 80-годишната американска писателка Џоан Дидион да биде нивно заштитно лице за колекцијата за пролет 2015, а лица од шестата и седма деценија видовме и во кампањите на Долче и Габана, Живанши... Афирмацијата на возрасните модели и хероини од нашето време прерасна во предизвик за модните инсајдери, но и еден вид насока кон враќање на вистинските вредности на однесување и живеење што резултираше со лавина позитивни реакции и критики.