Во четвртото продолжение на предвремениот преглед на дизајнерските колекции кои наскоро ќе бидат презентирани на Модниот викенд во Скопје, ги посетивме креаторските работилници на: Стефанија Насеска, Роберт Ивановски, Јасмина Дракул и Ивана Јованоска, а оттаму ви ја пренесуваме атмосферата од интензивната подготовка на нивните нови линии. Дракул и покрај тоа што има повеќегодишно искуство зад себе како дизајнер, оваа година за првпат ќе промовира своја колекција на скопскиот Моден викенд, а свое деби ќе има и младата Ивана Јованоска која ќе ја претстави чистата визија за жената, Ивановски пак за разлика од неговите претходни колекции во кои доминираше црната боја, сега приоритетно ќе и отстапи простор на нејзината спротивност- белата, а Насеска и оваа година продолжува со револуционерна тема која цели кон нови промени.
Стефанија Насеска: Колекцијата „Револуција“ го означува почетокот на мојата борба за промените
Младата дизајнерка Стефанија Насеска минатото издание на Моден Викенд Скопје остави силна порака искористувајќи ја познатата фраза „Шчо напраивме“, а овој пат понесена од желбата да внесе промени во модата што се создава кај нас, создаде колекција со наслов „Револуција“.
-Токму таa желба ме доведе до инспирацијата. Колекцијата ја нареков „Револуција“, не во смисла што после неа сè ќе се смени, туку само го означува почетокот на мојата борба за промените. Моето мислење е дека и дизајнерите и клиентите не треба да творат и бараат парчиња само за прослави, туку дека парчињата од македонските дизајнери треба да се најдат и во гардероберите со секојдневна облека. Поточно да се сврти повеќе внимание и на уличната мода - вели Насеска.
Таа додава дека она што е продолжение од претходната колекција е користењето на домашната техника. При создавањето користи природни материјали, најчесто памучни, а поголемиот број од нив се рачно бојадисувани. Така, колекцијата претставува монохроматски материјали во комбинација со цветни дезени.
Како и повеќето наши дизајнери таа ќе ги претстави моделите за пролет-лето 2014.
-Сè уште работам на принцип сезона за сезона, најмногу од финсиска гледна точка, затоа што кај нас сè уште клиентите не се навикната нарачките да ги прават сезона однапред. Се надевам дека еден ден како тема на обработка ќе биде и тој сегмент од модата кај нас – смета Стефанија, која околу три месеци го подготвува своето модно шоу.
Со оглед на тоа дека се работи за пролет, „Револуција“-та ќе биде разнобојна, со јаки бои и весели нијанси во комбинација со белата.
На прашањето за која жена е наменета нејзината колекција, таа вели:
-Никогаш не ги ограничувам колекциите со таргет група со одредена возраст, туку тие се секогаш наменети за сите девојки и жени кои се храбри во комбинирањето облека, со став и изграден стил. За сите оние кои сакаат да пренесат порака преку облеката . Парчињата се секојдневни, наменети за сегментот улична мода. Секогаш кажувам дека облеката е огледало на душата, затоа што секој што ќе се пронајде во моите дизајни може слободно да стане мој клиент.
Роберт Ивановски црната ја замени со белата боја во колекцијата „Wounded“
Младиот дизајнер Роберт Ивановски препознатлив по авангардниот пристап во дизајнирањето облека во која секогаш преовладуваат темните бои, овојпат ќе претстави колекција во која ќе доминира белата боја.
Колекцијата насловена „Wounded“, наменета за претстојната сезона пролет-лето, е инспирирана од катастрофите од војните, последиците и страдањето на невините луѓе од истите.
-Низ колекцијата се застапени природни ткаенини, како и еко кожата. Спротивно од моите минати колекции каде црната боја е доминанта, овојпат белата ја има главната улога. Колекцијата е наменета за храбри и бунтовни луѓе кои на модерен начин со мала доза на ексентричност сакаат да се издвојат од останатите - вели Ивановски за својата нова колекција.
Јасмина Дракул: Убавината на жената „Во полн сјај“
Дизајнерката Јасмина Дракул има повеќегодишно искуство зад себе, но љубителите на модата ќе имаат можност за првпат да ја видат како еден од учесниците на Моден викенд Скопје. Со колекцијата што носи наслов „Во полн сјај“, таа сака да ја рефлектира убавината на жената во нејзина потполност.
- Моите креации заедно со природната физичка и духовна убавината на денешната жена, создаваат убавина што зрачи во полн сјај. Токму затоа и колекцијата го носи истото име. Мојата инспирација потекнува од секојдневните работи, од едноставноста на убавината, од магијата на убавите дизајни, од безобројните бои и материјали со кои создавам историја. Сакав да го постигнам балансот со оваа колекцијата, да не наметнувам, туку да дозволам жената да ја живее мојата колеција, и да биде своја во истата – објаснува Дракул.
Креациите се изработени од природни материјали, во различни форми.
-Освен свилата која е мошне застапена во мојата колекција, бидејки сепак станува збор за поелегантна линија,користев сатен,француска тантела и органза. Може да се забележи дека целата линија на тоалети и венчални фустани е збогатена со многу рачна работа надополнета со разнобојни кристали – открива дизајнерката, а токму таков ќе биде и накитот, што ќе ги надополнува креациите заедно со аксесоарите за глава и другите дополнителни модни додатоци.
Модната приказна што ќе ја презентира на пистата, а во која ќе преовладуваат бисерно белата, златната и црната боја, се создава веќе три месеци
-Линијата е оригинална. Навистина се трудам да се инспирирам од светските трендови, но не и да робувам на истите. Сметам дека секој дизајнер треба да се инспирира од својот персонален поглед кон светот, и да создава свој оригинален правец, без да се поистоветува со она што го прават другите. Мојата колекцијата може да ја носи секоја жена која така се чувствува. Како што веке кажав, со оваа колекција оставам слиен простор во која внатрешната убавината на жената ќе дојде до израз, и затоа сметам дека не постои конретна и единствена група на жени за кои истата е наменета.
Ивана Јованоска – Чиста визија на жената
Како дебитант ова деветта сезона од FWSK се претставува младата дизајнерка Ивана Јованоска, која ќе се обиде кај публиката да остави впечаток со женска колекција од елегантни креации инспирирани од чистата визија за гламурозната жена.
-Насловот на новата колекција пролет/лето 2014 е "Pure vision" . Прикажан е подвигот на жената за доминација, и истата е инспирирана од потребата за гамурозен, софистициран и моќен изглед. Јасните контури на линијата ја истакнуваат уникатната женска пленитост, споени во нежна, а истовремено и силна појава – вели Јовановска.
Во колекцијата ќе преовладуваат елегантни модели и нежни бои.
-Златната боја е прикажана во преден план и е симбол за вредноста и префинетоста на жената, додека останатите нијанси на нежни бои ја оцртуваат онаа убавина што секоја жена ја прави да биде понежната половина. Употребени се повеќе видови на материјали, во кои телото ќе може да се чувствува удобно. Преовладуваат американскиот и штоф сатенот. Во повеќето матријали е застапена ликрата – најавува Ивана.
Погледнете ги и другите три делови од предвремениот преглед: