Во ориенталниот свет на Капан Ан во Старата скопска чаршија, помеѓу вековните приказни испишани во каменити ѕидини, од вчера започна да се „кова“ едно ново поглавје на еден старо-нов занает.
Галеријата на „Еклектика“ - дизајнерското дуо во кое се надополнуваат и создаваат во една целина различните светови на уметниците Моника Лозановска и Александар Милев, од вчера има свое уникатно катче зад една од дрвените врати на магичниот Капан Ан.
Целиот концепт на изложбениот простор кој истовремено ќе биде и работилница каде двајцата дизајнери ќе создаваат сништа и ќе креираат вонвременска уметност, мириса и навраќа на едно оддамна поминато време кое носталгично потсетува на дедовите занаети кои во современиот технолошки хаос се борат за духовно опстанување. „Еклектика“ започна со реанимација на занаетчиската душа во нејзината најсуштествена форма.
Вчеравечер, имавме можност да говориме со женската половина од дуото „Еклектика“, Моника Лозановска, која ќе каже дека и да сакале, не можеле да најдат помистично место за нивното креативно катче.
„Искрено, баравме многу локации, но тука ни излезе во пресрет Министерството за култура и сметам дека колку и да баравме, немаше да најдеме подобро место. Мислам дека било кое друго дуќанче да беше во чаршија, да, ќе беше магично и прекрасно секако, но помистична локација од Капан Ан за мене нема. Сами можете да погледнете како е изработена оваа локација со овие прекрасни стари цигли, така што било што да ставевме, ќе изгледаше прекрасно“, вели Моника за Fashionel.
Во неколку реченици, Моника ни ја раскажа и приказната за почетоците на „Еклектика“.
„Приказната на Еклектика почна некаде пред една година, јас интензивно работам накит некои 15, 20 години заедно со мојата мајка Олимпија. По одреден период, решив да одам во Шпанија и во Италија да студирам дизајн на накит, поточно да се научам да работам сребро и други различни техники. Откако се вратив, решив да го продолжам семејниот бизнис каде што правиме покомерцијални работи од типот на бисери, монистри...Сега, конечно решив да си отворам своја работилница каде што ќе можам да го применам она што го учев надвор. Таа идеја тлееше во нас подолго време и конечно се оствари, ја создадовме Еклектика заедно со Александар Баки Милев пред помалку од една година. Работевме интензивно на неколку парчиња накит, се претставивме во МКЦ на Pop up design store и одлучивме сега да го направиме отворањето. Мислам дека просторот е фантастичен, презадоволна сум од локацијата што ја добивме од Министерството за култура кои што многу не подржаа“, вели Моника.
На прашањето колку се надополнуваат со Александар, со оглед на тоа што се тотално различни карактери, Моника вели:
„Морам да кажам искрено дека многу сме различни. Но, ние секогаш се надополнуваме, секогаш сме тука да си помогнеме еден на друг, како треба ова да изгледа, дали треба парчето да е поголемо, помало, каква форма треба да биде итн. Иако сме тотално различни карактери, морам да признаам дека максимално се надополнуваме“, појаснува Моника.
Во однос на нивните техники и материјали со кои се служат при изработката на парчињата накит, Моника вели дека основно е среброто, но обожува да работи и со други материјали.
„Заради разновидноста и различноста ние сме всушност и Еклектика. Претежно работиме со сребро, тоа ни е основен материјал, употребуваме многу различни камчиња, ги набавуваме од цел свет. Исто така употребуваме и бисер. Во последно време почнав да работам и со моите омилени материјали кои што научив да ги работам во Барселона и Италија, а тоа се месинг и бакар. Тие ми се и едни од омилените. Тука секако е и филигранот, значи откако се вратив од надвор, решив да се запишам тука и да го изучам и филигранот, но секогаш гледам да го комбинирам со нешто помодерно за сето тоа да изгледа и поиновативно“, вели Моника.
Она што следно може да го очекуваме од нив, е секако новата креативна колекција накит која што е комбинација од дрво и полускапоцени камења.
„Новата колекција е изработена од дрво, со различни полускапоцени камчиња, дел е готова сега, но за брзо време ќе го погледнете и остатокот. Во наредните месец, два патуваме за Барселона, каде што имаме контакти со неколку различни галерии од таму со кои што треба да се договориме, се надеваме за понатамошно проширување. За крај, сакам да изразам огромна благодарност до сите што дојдоа вечерва и да ги поканам читателите на Fashionel да дојдат во нашата работилница и галерија за да го погледнат нашиот накит и секако, да си одберат нешто“, посочува за крај Моника.