Реномираната македонска модна куќа Елена Лука влезе во номинациите на престижните интернационални бугарски модни награди EIRENE 2014. Воедно, од изборот за најдобар дизајнер и модна куќа од регионот на Европа и Русија, покрај Елена Лука во трката за гласови се и македонските дизајнери Олгица Ѓеоргиева и Бобан Илиевски. Оваа година настанот обележува 10 години од постоењето, а токму тој број беше и причината да се издвојат 10 категории кои вклучуваат награди по различни модни сегменти. Издвоениот буџет односно наградите за победниците вкупно изнесува 100 илјади евра. Гласовите на публиката ќе бидат земени во предвид се до 20-ти јуни кога всушност ќе се затвори и првиот круг од трите етапи на гласање. Меѓу големиот број европски дизајнерски имиња, оној со најголем број гласови од публиката на социјалната мрежа Фејсбук ќе влезе и во понатамошните два круга на гласање. Со добивањето награда, дизајнерот или модната куќа покрај паричната награда ќе има можност за претставување на две сезонски колекции во следните пет години на Бугарската модна недела, овозможување на трговски состаноци, работилница со дизајнерски консултации, промоција во изложбени салони.
Тоа воедно значи и поконкретен пробив на светската модна сцена. Главната цел на натпреварот EIRENE 2014 е да промовира, поддржи и соработува со домашни и со меѓународни модни дизајнери кои имаат потенцијал за креативен и комерцијален развој. Наградите овозможуваат висок степен на мониторирање и финансиска помош за квалитетна презентација.
Инаку, и минатата година во листа на европски дизајнери имаше македонско дизајнерско име. Росица Мршиќ влезе во финалето и го освои петтото место. За вашиот фаворит гласајте до 20-ти јуни на следниот линк.