Една од нашите најуспешни манекенки со интернационална кариера, Елена Трајановска продолжува со огромните успеси, овојпат, работејќи за единствениот Кристијан Диор.

Шармантната Трајановска сними одличен едиторијал за светскиот бренд во еден од најдобрите модни градови во светот Токио.
Елена во рекламна кампања за шпанскиот бренд за чанти PIlotto
Таа е таму само две недели, во кој период имаше голем број на ангажмани, помеѓу кои и едиторијалот за Диор, фотосесии за модни списанија како Рилепс и Гламур, но беше дел и од тамошната модна недела.

Овие два месеци Трајановска останува да работи во Токио, од каде подоцна се сели во Сингапур и за крај Њујорк.

Од нејзината македонска матична агенција Моделс Ин велат дека се радуваат и заедно со неа го живеат секој успех од нејзината одлична кариера.

„Нејзиниот голем успех го сметам и за мој успех, модели како Елена со таков капацитет и идентитет, за жал може да се појават еднаш на десет години“, вели Алек Наумовски, менаџер на модната агенција Моделс Ин.

Имено, ова е еден од многуте успеси на прекрасната Елена, која досега беше дел од бројни едиторијали за светски брендови, фотосесии за познати магазини и ревии за некои од најдобрите светски дизајнери.

Минатата година, таа се појави и на ревијата на македонската модна куќа Елена Лука, каде блесна во неколку одлични креации од модниот бренд.

Во продолжение, погледнете дел од одличната работа на Елена во Токио.




