Не помина долг период од последната наша посета на Виена кога го проследивме претставувањето на Елена Лука во рамките на Bride thing Vienna 2014 со презентација на последната колекција венчаници. Викенов релацијата со европската културна претстолнина ја продолживме со уште еден убав повод кој истовремено ги спојува хуманите луѓе, танцовата уметност и модата. Dancer against the cancer е хуманитарен бал кој традиционално се оддржува во австриската претстолнина, овој пат во палатата која со целата своја историја остава без здив, Хофбург.
„Палатата Хофбург се градела речиси осум столетија, од 13-ти до 21-век. Различни делови од комплексот се конструирани во различен стил: готика, барок, ренесанса па се до неокласицизам. Хофбург бил седиште на династијата Хабсбург се до 1918 година. Викендов хуманитарниот бал Dancer against cancer за прв пат се оддржа во воодушевувачкиот амбиент на оваа палата“.
Програмата на балот вклучува ревијален и забавен дел кои се соединуваат со една единствена цел: подигање на свеста кај јавноста и мобилизција на хуманоста во борбата против ракот.
Во ревијалниот дел, еминентни уметници од австриската танцова сцена ги импресионираа гостите со фантастични танцови точки, беа присутни и познати музичари и актери од Холивуд , активисти во борбата против ракот, а кулминацијата се постигна со награди за публиката кои хуманитарно беа донирани од повеќе домашни и странски брендови. Во овој дел од агендата на настанот, македонската модна куќа Елена Лука учествуваше со донација на уникатна тоалета од познатата колекција Далга.
Организаторката на балот, Ивон Симона Ројф
„Хуманитарниот бал Dancer against the cancer започна да се оддржува пред осум години. На мое огромно задоволство од година во година настанот расте и во одност на неговата масовност и во однос на квалитетот на програмата која се базира на две основни точки во ревијалниот дел: доделување на наградите за хуманост и танцов натпревар помеѓу познатли личности од Австрија од културниот и општествениот живот. Сите парични средства кои се собираат за време на настанот се донираат во хуманитарни цели, за потребите на луѓето кои боледуваат од рак и за превенција од истата болест“, изјави за Fashionel Ивон Симона Ројф, главен организатор на балот и истовремено една од најпознатите професионални танчарки и во Австрија.
Како домаќинка на настанот таа изгледаше впечатливо во креација на австрискиот моден бренд Калисти.
Младата дама, Фредерика Маус, која ја доби тоалетата од Елена Лука е професионална танчерка во училиштето на организаторката на настанот и веќе петта година по ред е присутна на хуманитарниот бал. Презадоволна од убавиот финиш на вечерта таа изјави:
-Среќна сум што вечерва токму јас имав чест да ја добијам преубавата креација од македонската модна куќа Елена Лука. Со сигурност, на следното издание на хуманитарниот бал ќе се појавам токму во оваа уникатна тоалета бидејќи пред се одговара и на мојот личн стил и на дрес кодот на настанот.
Претставниците на Елена Лука во Виена, Горан Димитровски и Су Матурин која е директен репрезент на брендот во Австрија, не го криеја задоволството од присуството на Елена Лука на хуманитарниот бал.
„Елена Лука пред неколку месеци навлезе во еден нов проект со цел да излезе малку подалеку од границите на Македонија и на Балканот и да навлезе во едни поинакви модни кругови во Европа и во светот. Ова е еден од начините како воспоставивме соработка со една група наши соработници во Виена. Вечерва сме тука на овој фасцинантен бал со една хумана цел за да ја продолжиме нашата мисија со хуманоста интернационално преку модата и да дадеме можност секој истовремено да се почувствува убаво во нашите креации а притоа и да помогнеме онаму каде што е најпотребно. Овој Хуманитарен Бал и нашето учество на "Dance against Cancer" е добра промоција за Македонија и секако за брендот Елена Лука. Дамата која го доби фустанот која Елена Лука го донираше на Балот, веќе е дел од нашата клиентела на наше задоволство" изјави Горан Димитровски.
Горан Димитровски, претставник на маркетинг тимот на Елена Лука
„Ова е одличен начин за промоција на македонскиот бренд Елена Лука пред австриската публика бидејќи на овој бал вечерва се присутни над 2500 гости со различни профили, политичари, уметници, претствници на дипломатскиот кор... Околу полноќ се оддржа извлекување на сите награди кои беа хуманитрано донирани од различни спонзори, а Елена Лука водејќи се според своето заштитно мото Модерни и хумани, донираше прекрасна уникатна тоалета која ја доби прекрасна млада дама. Јас сум почестена што имав можност како репрезент на Елена Лука да и ја доделам наградата“, додаде репрезентот на Елена Лука за австрискиот пазар, Су Матурин.
Су и добитничката на наградата од Елена Лука
Оваа година почесната награда за хуманост, организаторот на настанот, непрофитната организација „MyAid’, и ја додели на холивудската актерка и поранешен топ модел Кели Леброк.
„Кели Леброк е холивудска актерка која врвот на својата слава го достигнува во 80-тите години на минатиот век. Нејзиното актерско деби е во филмот The woman in red, а е позната по бројните улоги во повеќе холивудски филмови меѓу кои и Hard to kill и Weird science. Нејзиниот брат починал како последица на рак, по што таа станува активист во борбата против оваа болест и на современото време“.
Кели Леброк
Пред почетокот на настанот на кој таа беше најавена како главна ѕвезда на вечерта, ги сподели своите очекувања за Fashionel:
-Оваа вечер пред се очекувам убава забава во име на хуманоста. Сите танчари кои месеци однапред ги вежбаат чекорите за оваа вечер сигурно ќе ги воодушеват гостите. Јас ќе ја отворам програмата со Виенски валцер и се надевам дека ќе биде интересно и за мене и за публиката. Сепак хуманитарниот мотив на настанот е пред се’, бидејќи ракот е болест која не избира врз никаков основ. Мојот брат почина како последица на таа сурова болест на многу лош начин. Од тогаш јас сум активист во борбата против ракот и секогаш апелирам дека може да се заштитиме само преку здравиот начин на живот, со здрава исхрана, со здрав начин на размислување и со човечност еден кон друг, апелираше Леброк.
Богатата агенда која пред се беше фокусирана на танцовите чекори кои беа упатени во хуманитарен „марш“, вклучуваше и забавен дел во кој присутната публика имаше можност да ужива во различните музички перформанси, но и да ја покаже својата танцова умешност на подиумот. Без никаков сомнеж, танцот е вродена карактеристика запишана во генот на австрискиот народ со оглед на тоа дека дури и аматерите танцуваа дисциплинирано до перфекција. Тимот на Fashionel присутен во публиката имаше можност да ужива во нивната уметност.
Од присутните гости, имавме чест да разговараме со познати личности од различни профили, модни дизајнери, музичари, оперски изведувачи кои беа расположени да ги споделат со нас своите импресии.
Една од авангардните австриски модни дизајнерки кои со комплетната своја појава привлекуваше внимание благодарение на уникатниот изглед, Изабела Богнер-Бадер љубезно ги сподели своите очекувања од вечерта, со оглед на тоа дека прв пат присуствуваше на настанот.
„Со големо љубопитство очекувам да видам што ќе се случува вечерва бидејќи за прв пат присуствувам на Dancer against the cancer. Се работи за исклучително значаен хуманитарен настан поради што ми е особена чест што сум присутна овде вечерва“, изјави дизајнерката пред почетокот на балот. Таа носеше своја креација која невообичаено за ваков тип на настани вклучуваше елегантни црни панталони комбинирани со црна тантела, надополнети со авангарден украс на главата рачно изработен од бисери.
Свој дизајн носеше и уште еден познат автриски дизајнер кој имавме можност да го сретнеме помеѓу присутните гости, Михаел Касида кој креира облека за мажи и за жени и е доста популарно име во австрискиот моден круг.
„Вечерва носам костум кој самиот го изработив за себе (се смее), односно е со потпис на мојот бренд „Касида“. Ја избрав црната боја бидејќи е незаменлива класика, одговара на дрес кодот на настанот, а покрај тоа визуелно ме прави послаб“, расположено коментираше дизајнерот за Fashionel.
Касида, познат австриски моден дизајнер
Еден од најпознатите тенори во Националната опера во Виена, Кемис Унтерајн кој минатата година учествуваше на балот како дел од познатите австриски ѕвезди кои танцуваа во официјалната програма, овој пат беше во жирито кое одлучуваше за најдабар танцов перформанс.
„Чест ми е што сум повикан оваа година да бидам дел од жирито на овој прекрасен настан со хуманитарен предзнак, и драго ми е што оваа година за прв пат се оддржува во преубавата палата Хофбург. Се надевам дека од година во година оваа манифестација успева се’ повеќе во остварување на својата цел: мобилизирање на човечноста и хуманоста во ботбата против ракот“, изјави познатиот австриски тенор.
Австрискиот тенор Кемис Унтерајн
Вечерта на Dancer against cancer запиша многу нови пријателства, ја надополни и листата на луѓе со зголемена хуманитарна свест и широки погледи, а за нашата екипа беше незаборавно искуство кое се надеваме ќе има уште многу продолженија. Елена Лука е достоен македонски репрезент кој гордо може да се носи со светската модна сцена, а благодарение на бројката од речиси 3000 гости на балот сигурно со своето присуство остави впечаток кај голем дел од нив. По Bride thing Vienna и Dancer against the cancer, очекуваме овој македонски бренд да постави свој континуитет во презентацијата и присуството на австриската модна сцена. До следната посета на Виена...