Вчеравечер после две експериментални години, се случи стандардно издание на најелтинтиот моден настан на годината, МЕТ гала во традиционалниот термин: првиот понеделник во мај во Метрополитен музејот во Њујорк..
Годинешната тема е всушност продолжение на минатогодишната „In America: An Anthology of Fashion" со акцент на „Gilded Age Glamour" или „Позлатен гламур" реферирајќи на модата од доцниот 19-ти век.
Со оваа тема, организаторката Ана Винтур ги испровоцира гостите да размислуваат за стајлинзи што ќе бидат современа интерпретација на гламурот на Златното доба во американската мода, што како прва асоцијација ги вклучува волуменозните структури, кринолините, сатенските ракавици, впечатливите шапки и секако корсетите.
Ѕвезда на вечерта апсолутно беше една од почесните домаќинки на настанот, Блејк Лајвли која на себе носеше уметничко дело со потпис на Версаче. Се работи за екстравагантна тоалета со омбре ефект, инспирирана од симболиката на Статуата на слободата.
Директна инспирација во архитектурата на Њујорк пронајде и Алиша Кис, која носеше креација на Ралф Лорен кај која акцентот е на луксузната наметка со светкави мотиви од градот кој никогаш не спие.
Ако некој најсоодветно одговори на темата оваа година, според нас тоа беше Сара Џесика Паркер.
Модна икона која секоја година е меѓу највпечатливо облечените гости и секогаш со респект пристапува на посочената тема, овојпат во екстравагантна креација на Кристофер Џон Роџерс. Во еден изглед се интерпретирани речиси сите водечки карактеристики на „Златното доба": волуменозно здолниште со кринолини, корсет и ултра впечатлива шапка.
Ким Кардашијан на прв поглед беше непрепознатлива, со неколку килограми во минус. Нејзиниот изглед е инспириран од амерканската икона на стилот Мерилин Монро и она што треба да се потенцира е дека на црвениот килим се појави во фустан што автентично го носела и самата холивудска дива.
Меѓу присутните гости кои оставија силен стилски впечаток беа и Гвен Стефани, сестрите Хадид, Хајли Бибер, Меј и Илон Маск, Карди Би, Алесандро Микеле и Џаред Лето (кои беа идентично стилизирани), а секако и главната домаќинка и организаторка на настанот, Ана Винтур.
Уште еден интересен податок за годинешнава МЕТ гала, е тоа што Луј Витон облече 14 ѕвезди во веќе носени креации.
За потсетување, ова е настан што пред се се организира со хуманитарна цел – собраните средства се донираат за Институтот за костими при Метрополитен музејот.
Првата Мет Гала се одржала во 1948 година, а тогаш влезниците чинеле по 50 долари, за разлика од денес кога влезниците чинат меѓу 30.000 и 50.000 долари.